Во обид да ја задоволиме женската ИТ популација на темата мобилни апликации, овој пост го посветувам токму на корисните апликации кои би и се нашле на секоја девојка, жена, мајка. Секако, и овојпат апликациите се бесплатни.
My Days
Како прва апликација, која никако не може да биде прогласена за унисекс апликација, а за среќа ја има и за Android и за iPhone, е апликацијата My Days. Апликацијава е многу корисна за бележење на „тие денови“ и дава прилично точни пресметки за деновите на овулација и највисока плодност. За апликацијата да дава точни пресметки, претходно мора да се подесе времетраењето на циклусот. Исто така можете да се приклучите кон чет заедницата на девојки кои ја користат апликацијата и да споделите некаков совет со нив.
Lose it!
Апликација за следење на режимот на исхрана и е навистина корисна за време на држење на диети или едноставно придржување кон здравиот начин на исхрана. Lose it за iPhone и за Android, функционираат така што ви даваат информација за приближната калорична вредност на продуктите кои ги внесувате во исхраната и потрошените калории при одредена физичка активност. Преку правење на план за внес на одреден број калории дневно, со претходно подесување на основните парамтери за возраст, висина и тежина, апликацијата може да ви помогне при планирањето на вашата диета или режим на исхрана. Единственото нешто што можеби нема да ви се допадне, е тоа што единиците мерки не се од интернационалниот систем на едниници, туку од империјалниот.
Испробано и докажано добра апликација, со која си ги научив и вежбав „американските“ единици мерки, како и хранливите вредности на секојдневните продукти.
Jorte
Апликацијава претставува практичен календар и организатор на секојдневни активности и меморирање на состаноци, кој се синхронизира со Google Calendar. Постои можност за избор на повеќе јазици, а причина плус поради која ја одбрав да биде во листава е интересниот и женствен дизајн (еден од неколкуте) на самиот календар кој потсетува на вистински бележник. Jorte можете да ја најдете само како Android апликација.
Allrecipes.com: Dinner Spinner
Во оваа листа на мобилни апликации наменети за женскиот пол, оваа може да се издвои по тоа што може да ја користат сите вљубеници во храната. Ја има за iPhone и Android. Сигурно сте забележале при пребарување на некој рецепт на Google ви излегуваат предлози од страницата allrecipes.com. Интерфејсот е доста едноставен и она што ми се допаѓа е извонредната категоризација на разните видови јадења и главни состојки.
Makeup
Одлична и забавна апликација за испробување на многу варијанти и различни нијанси и бои на шминка на модел или вашето лице. Не само што можете да научите нов начин на шминкање, туку и малку виртуелно да си поиграте со вашиот изглед. Апликацијата можете да ја најдете за Android OС и за iOS. Она што треба е внимателно да се подесат границите на очите, веѓите и устата, за нанесувањето на шминката да биде точно.
Mirror HD
За моментите кога ви треба огледало, можете да ја употребите апликацијава, која не прави ништо друго освен што дава приказ на вашето лице со вклучување на предната камера на телефонот. Предноста е во тоа што дава солидно зголемен приказ со висок квалитет. Aпликацијата не можев да ја најдам за Android, па најдов слична на неа која се нарекува Your Mirror HD.
Horoscope and tarot
Едноставно морав да ја вклучам и оваа апликацијава во листава, поради тоа што некои ги сметаат овие апликации за забавни, а други за релевантни претскажувачи на иднината. Како и да е, не знам колку оваа апликација за Android и за iPhone ќе ви ја претскаже и погоди иднината, но се надевам дека барем малку ќе ви биде интересна, особено делот со тарот.