Народната банка на Македонија денеска излезе со соопштение за извршената анализа на дигиталната валута OneCoin, која во последно време е тема на разговор во повеќе македонски Facebook групи и форуми, дури некои лица се претставуваат и како официјални претставници.
Главниот бизнис зад OneCoin, според нивниот сајт, е продажба на едукативни материјали за тргување. Корисниците може да купат пакети во вредност од 100 до 118.000 евра. Секој пакет вклучува токени кои можат да се користат за “обработка” на валутата OneCoin . Серверите кои ги обработуваат податоците се лоцирани во Бугарија и во Хонг Конг. Корисниците обработените OneCoin-и можат да ги продадат за реални валути (засега само во евра) на интерната берза Onecoin Exchange која е достапна само за членови со претходно достигнатo поголемо скалило во членството. По продажбата средствата се складираат во виртуелен паричник и може да се префрлат преку банка. Зависно од општата продажба на пакетите, берзата одлучува што и колку OneCoin-и да стави на продавање. Секако, како и во секоја пирамидална шема постои дневен лимит на колку средства можат да се повлечат.
Според наши извори бројот на лица кои “инвестираат” во оваа дигитална валута не е воопшто мал, потврда на ова е и фактот дека НБРМ излегува со официјално соопштение на темава.
Основната проверка на OneCoin дава информација дека компанијата Onecoin LTD, е офшор компанија регистрирана на Гибралтар од страна на бугарската државјанка Руја Игнатова. Дури е и лесно достапна информацијата споделена од Bitcoin.com кои ја дефинираат OneCoin како класична понзи шема.
Заклучоците од анализата на НБРМ ја потврдуваат сомнежта во OneCoin:
Анализата на Народната банка покажа дека граѓаните иницираат трансфери во странство при вложување во дигиталната (крипто) валута OneCoin, и тие најчесто не се извршуваат во корист на нивна сметка во странска банка (сам на себе), туку кон некое странско правно лице коешто ја дава таа услуга за издавање или чување на дигитални крипто валути. Налогодавач е физичко лице кое уплатува парични средства на нерезидент правно лице врз основа на школување, обука или набавка на книги, брошури, друга литература и слично. Доколку самата банка, на било кој начин, добила сознание дека при таквото плаќање се работи за вложување во дигитални (крипто) валути или депозити, таа треба да го одбие извршувањето на трансакциите.
Како клучни работи околу анализата, НБРМ ги издвојува:
- Може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле. За да купите дигитални (крипто) валути треба да имате пристап до платформа, односно софтверска апликација на која се разменуваат овие валути. Овие платформи најчесто се нерегулирани и интерните правила на создавачот на платформата се предмет на чести измени. Има голем број случаи кога овие платформи запреле со работа, без никаква најава. Клиентите треба да бидат свесни дека овие софтверски платформи не се банки, и дека не постои правна заштита за средствата кои ги вложуваат преку нив. Доколку платформата престане со работа, не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обештетени, како што е тоа случај со средствата вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка.
- Вашите дигитални пари може да бидат украдени. Во моментот кога ќе купите дигитални (крипто) валути, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп и/или паметен телефон. Дигиталните паричници имаат дигитални клучеви или лозинка која овозможува пристап до нив. Доколку ја изгубите лозинката или клучот за пристап до вашиот дигитален паричник вашите средства се неповратно изгубени. Не постои централизирано место во кое се сместени лозинките или можноста да се измени лозинката со нова за да се пристапи до истиот дигитален паричник. Дигиталните паричници се најчеста мета на напади на хакери. Регистрирани се голем број случаи кога клиенти изгубиле значителни финансиски средства на ваквите платформи, без шанси за нивно враќање.
- Вредноста на вашите дигитални (крипто) валути може многу брзо да се намали, дури и да падне на нула. Цената на bitcoin и на останатите дигитални (крипто) валути брзо се издигна, поради рапидно инвестирање на голем број клиенти. Пазарот на овие валути е нестабилен, и нивната вредност се менува генерално врз основа на побарувачката за нив. Доколку опадне популарноста на одредена дигитална (крипто) валута и нејзината вредност може лесно да се измени или да падне на нула. Доколку се генерираат повеќе дигитални (крипто) валути отколку што се потребни, може да се случи клиeнтите да имааат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот.
- Трансакциите поврзани со дигиталните (крипто) валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари. Трансакциите со виртуeлните (крипто) валути се јавни, меѓутоа налогодавачот и примачот на парите се анонимни. Тие им нудат на клиентите голем степен на анонимност, но најчесто трансакциите не може да се следат. Затоа токму овие мрежи на дигитални (крипто) валути најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам. Доколку се појави сомневање дека одредена платформа се користи за вакви активности, државните органи според своите законски овластувања, може да ја блокираат платформата и да ги замрзнат сите средства на сите корисници.
Ако ги анализираме статистиките на Google, добиваме потврда за пирамидалната шема (од човек на човек) на оваа дигитална валута, па така, најголем интерес за OneCoin има во регионот на Куманово, па дури потоа има двојно помал интерес во Скопје.
[…] НБРМ издаде соопштение за дигиталната крипто-валута One… […]
[…] на материјата, ќе профитираат новите шеми како Kairos Planet и OneCoin, кои не се ништо повеќе од добро организирани […]