Факт е дека не можат сите да бидат уметници. Како и за многу други работи, така и за цртањето, одредени луѓе попрво би кршеле камења отколку да пробаат да нацртаат глава. Но, често се поставува прашањето дали проблемот е поради немање талент или недостаток од вежбање.

TryDraw има за мисија да покаже дека не е се во талентот и дека некои работи можат да се научат од сите. Со оваа алатка можете да го подобрите вашето цртање така што во реално време добивате повратни информации, а сите ваши грешки при цртањето автоматски се препознаваат и истакнуваат. На овој начин, се здобивате со впечаток како да работите со професор кој ве води чекор-по-чекор низ целата процедура.
Алатката е првенствено наменета за почетници и може да ве научи како да цртате дланки во најразлични позиции, глави, животни, манга ликови, играчки, како и истото да го обоите, а потоа и да го сочувате или споделите. При секое вежбање, имате опција дали да се гледа вашиот цртеж и вие да повторувате по него, или да вежбате на целосно бел лист. Паралелно со ова, секој пат кога ќе погрешите, таквото нешто се истакнува на спротивната страна со јасна црвена линија, додека правилно повлечените линии се невидливи.
За да ја користите алатката TryDraw преку веб сајтот, не е потребна никаква регистрација, но таквото нешто се препорачува доколку сакате да отклучите повеќе бесплатни содржини, или пак да добиете пристап до премиум цртежи за вежбање. Моментно, има промоција која ја касапи цената за премиум пристапот на половина, така да доколку ова е нешто што би мислеле дека може да ви помогне, сега е вистинската можност.
Цртајте на лист со Drawy

Откако ќе се испраксирате со TryDraw, би можеле да преминете на една друга алатка – Drawy! Со оваа алатка можете дополнително да ги развивате вашите способности за цртање, но на малку поразличен начин. Имено, преку 40 лекции, кои се поделени според вашите способности, ќе можете да цртате на вистински лист хартија, а потоа да го сликате со телефонот цртежот за да инстантно ви биде оценет со одреден број ѕвездички!

Drawy е интересна алатка за сите оние на кои потешко им оди цртањето преку TryDraw.