Доколку го сакате хорор жанрот, имате слободно време и апарат или мобилен со добра камера, тогаш Sinister Days III е натпревар токму за вас. Дечките од RevoShot.com, Ерина, Димитар и Јане, по трет пат го организираат онлајн натпреварот за најдобра хорор фотографија.
Фотографиите може да се испраќаат до 18-ти ноември преку пополнување на сите полиња од формата и прикажување на вашите фотографии на следниов линк.
Неколку едноставни правила:
- Не е ограничен бројот на фотографии што еден учесник во натпреварот може да ги испрати.
- Задолжително е фотографиите да бидат ваше дело, и тоа во целост — фотографиите што не се ваши, како и фотографиите со делови од туѓи фотографии монтирани со помош на Photoshop (или друг софтвер за едитирање) нема да бидат земени предвид.
- Тричленото жири составено од тимот на Revoshot ќе додели три награди.
Сите пристигнати фотографии ќе бидат објавени на Revoshot. Од нив, жирито ќе одбере три најдобри и ќе ги награди. Како и досега, наградите се симболични во жанрот и се во облик на фигура од Фреди Кругер за првото место, модел на череп за второ место и чаша во форма на череп за трето место.
„Го обожаваме овој период од годината — есента е време на необичен креативен полет и иделно време уметничкото око да се соочи со мрачните ќошиња на светот и застрашувачките аспекти на животот. Со нетрпение ги очекуваме вашите фотографии. За инспирација, предлагаме да ги погледнете фотографиите од претходното издание на „Sinister Days“ на овој линк.“ – додаваат организаторите.







