Технолошкиот фестивал Codefest оваа година ќе се одржи од 7-9-ти април, во Охрид, а овогодинешниов фестивал ќе го одбележи своето 5-то јубилејно издание. Во рамки на фестивалот се одржува веќе добро познатиот Codefest Marathon, кој претставува 32-часовен тимски натпревар во развивање на софтверски и хардверски креативни решенија. Настанот е основан и организиран од страна на организацијата Стартап Зона.
Досега учество на маратонот можеа да земат само студенти, а тоа за прв пат се менува со тоа што оваа година натпреварот ќе биде отворен во три категории:
- Млади (до 16 години),
- Студенти (од 17 години до мастер студии), и
- Професионалци (вработени, freelancer-и, или не било кој начин, не-студенти).
Учесниците ќе се натпреваруваат за победа во секоја од овие категории засебно. За аплицирање на Маратонот потребно е да имате тим од 2 до 5 членови и да имате иновативна технолошка идеја на која досега не сте работеле. Услов за учество е за прв пат идејата да ја развивате во рамки на настанот, во тие 32 часа. Формуларот за аплицирање за Маратонот е достапен на следниот линк. Апликациите се отворени до 28.февруари 2017.
Codefest Tech Festival е познат и по говорниците и експертите кои се дел од настанот како предавачи, ментори и жири. За Codefest Marathon оваа година најавени се првите ментори, Орлин Димитров, Технолошки директор на POLYGONTeam од Бугарија, и Бенедикт Глацл од Австрија, Директор на продукт во Улмон и претходно вработен во седиштето на Google во Даблин. Најавен е и првиот член на жирито, а се работи за Гари Стјуарт, Директор на Wayra UK, светски акцелератор и инвестициски фонд.
Во рамки на Codefest технолошкиот фестивал овој април покрај Маратонот ќе се одржи и еднодневната конференција Codeference за која билетите се веќе достапни, како и CFX-Business Expo, кое претставува мини саем за компании и претставници на ИТ бизнис индустријата.