Наскоро започнува нова сезона на GG.MK – интервју со Гораст Цветковски

во гејминг, ИТ.МК

Добра вест за сите љубители на гејмингот. Наскоро се враќаат Гораст, Данко, Бобо и Паци со нова сезона на GG. Секако моравме да ги прашаме за новата сезона и што може да очекуваме. Еве што ни одговори Гораст:

Прво со најважното. Кога почнува следната сезона на GG?

Како и секоја година, правиме репете и оваа. Сезоната ја почнуваме првиот понеделник од октомври, кога студентите се вратени од матичните градови, кога на средношколците им е спадната еуфоријата и депресијата од почетокот на школската година, кога пензионерите почнуваат да се излегуваат од летната хибернација.

Како поминавте минатата сезона? Дали ве изненадува се поголемиот интерес на гледачите, ама и на спонзорите?

Минатата сезона имавме најголем скок во техничкиот дел. Веќе го добивме изгледот кој го бркавме од првата епизода, конечно после 4 години. Публиката како бројка многу не се зголеми но стана по редовна, затоа и епизодите беа по гледани. Спонзорите беа главните виновници за тоа. Лани ни се приклучија во фамилијата сериозни компании на кои главните играчи им се гејмери. Да се надеваме дека и оваа година ќе ни биде наклонет спонзорскиот хороскоп.

Има ли некои промени во форматот? Минатата година имаше најави за покуси и тематски сегменти барем на YouTube, но овој план не се реализира?

И лани како и претходните три сезони лутавме со контентот пробувајќи со еден удар да залепиме две муви. Да направиме во исто време шоу и за хард кор гледачи и за лајт публика и повторно фелјавме… тоа е невозможно. Тоа што ги задоволува хард кор гејмерите, за обичните смртници е не разбирливо и си одат. Обратно, кога го олеснивме од информации и детали, шоуто им стана боза на гејмерите и почнаа да се бунат.

Затоа годинава решивме (повторно) да направиме нов чекор (се надеваме напред). Досегашното шоу се преименува во ПОДКАСТ by GGTV, а продуцираме нова кратка блиц емисија за игри што ќе трае 10-15 минути и ќе оди на Youtube монтирано, не во живо и ќе се вика GG.

GG ќе биде лесна за гледање за секој човек. И упатен во гејминг индустријата, но и луге што сакаат да дознаат нешто. Кратко, јасно, разбирливо, шарено, анимирано, духовито и забавно. За време на пауза, кафе или доручек, пушти, слушни и терај работа.

Понеделниците остануваат резервирани за ПОДКАСТ by GGTV (да, тоа е новото име на старата емисија) што ќе биде досегашниот формат, но сега нема да ограничуваме на време и ќе биде хард кор до максимум. Детали, детали, детали, заглавување на теми и игри, расправии и тролање. Опуштено со јавувања во живо од гледачи. Да, точно така, ќе позајмиме идеја од семоќниот Драган Вучиќ и ќе имаме муабети по телефон со гледачи.
Другото е исто.

Дали има некои новитети кои може да ги очекуваме или останувате, гејминг / софтвер и хардвер?

Тоа е тоа + секоја година си ветуваме дека ќе опфатиме повеќе и Про гејминг сцена, ама едноставно таа не нѐ сака нас. Можеби треба да дојде нов човек што ќе се бави само со таа тематика. Се спремаме да правиме пренос во живо од некоја конвенција, но за тоа со време ќе кажеме.

Што друго може да очекуваме оваа сезона?

Ќе мора да купиме нова скара. Ланската Гораст ја расипа. Имаме подобра нова камера за анбоксингот, а можно е да се уфрлат и неколку нови кадри, но ќе видиме. Едно е сигурно, оваа сезона ќе биде најзабавна до сега.

Која ви е омилена „епизода“ досега?

Има неколку. Би ги издвоиле гостувањето на Александар Крстиќ од Infinity Ward. Таа емисија беше многу лесна и питка. Сите уживавме во сторијата на Александар како стигнал да работи на Modern Warefare. Друга емисија е онаа со гостувањето на Тони Михајловски зашто не изненади сите колку тоа он знае и има играно игри.

Кои се игрите на кои најмногу им се радувате оваа година?

Многу… мноооогу ги има. Red Dead 2, Anthem, Death Stranding, Left Alive, Metro: Exodus, System Shock, Cyberpunk 2077, Mega Man 11,… има уште. Winter is coming!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments