Во 2018 година, играта на Empyrean, House Flipper успеа да ги импресионира гејмерите со тоа што понуди богати можности за градење, проширување, уредување или чистење куќи. Играта беше до тој степен забавна, да сеуште „седи“ на 95% позитивни рецензии на Steam. Охрабрени од успехот, развојното студио издаде седум додатоци за играта, но, таквото нешто не беше доволно за гејмерите кои, со текот на времето, стануваа се погласни и погласни и бараа чистокрвен продолжеток.
House Flipper 2 мајсторски се надградува на механиките од оригиналната игра. Покрај тоа што ги олеснува бројните процеси, вешто воведува и бројни нови. Како резултат, добиваме одлична и крајно релаксирачка игра.
Повеќе од симулатор!
Во House Flipper 2 имате на располагање три огромни региони низ кои ги вршите вашите операции. Започнувате скромно. Вашата прва куќа која треба да ја „флипнете“, односно да ја реновирате за да ја продадете за повисока цена, е еден огромен корисен туторијал каде се запознавате со клучните механики за собирање и фрлање ѓубре, средување на ѕидовите како и манипулација со предметите за уредување на собите. Звучи многу позабавно откако што го објаснуваме.

За подобро да се вклопите во светот на House Flipper 2 имате релативно забавна кампања чија приказна првенствено се раскажува преку еднонасочна комуникација преку телефон. Сосема доволно за потопување во пријатно чувство на суптилна изолација каде во поголемиот дел од времето сте оставени сами на себе, да си ја работите работата онака како што сакате.



Па така, откако ќе го соберете и отстраните ѓубрето, ќе ги засукате ракавите и ќе почнете со чистење на подовите, ѕидовите, и прозорците. Сите предмети во собите се интерактивни и можете да ги кревате, ротирате и поставувате во одредени положби.
Строго би сакале да ви препорачаме да не ви се допадне како се осмислени собите. Во моментот кога ќе бидете незадоволни со положбата на ѕидовите, во тој момент започнува вистинската забава во House Flipper 2!
На располагање имате два модови за уништување. Слично на Minecraft и системот со блокови, така и тука чеканот ја држи целата моќ и, блок-по-блок го остварувате вашиот сон за деструкција. Слично на ова, имате два режими и на бојадисување на ѕидовите или лепење тапети/ плочки.

Ѓаволот е во деталите
За поголема ефикасност, имате на располагање и систем од способности. Ваквото дрво од способности никако не е за потценување и може да ви помогне значително побрзо и подобро да ги завршите помалку забавните операции. Исто така, од голема помош се алатките кои ви дозволуваат да копирате одреден стил кој ви се допаѓа или да дуплирате одредени предмети, за да, на тој начин, прескокнете непотребни чекори од шетање низ менија.
Како дополнителна олеснителна околност е тоа што за голем број работи низ куќата имате понудено различни стилови и лесно можете да го изберете стилот кој највеќе ви се допаѓа. Ни се допадна и тоа што House Flipper 2 крие и подлабока димензија, како поставување инсталација низ ѕидовите и спроведување струја до сите соби.




Со доволна временска инвестиција и малку вкус, трансформацијата на дворот и самата куќа може да биде огромна, како и чувството на достигнување, особено во тие последни моменти кога се што е останато е да се восхитувате на вашиот труд. House Flipper 2 целосно ги оправдува очекувањата кои ги имавме за играта и е достоен, крајно релаксирачки продолжеток.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Frozen District, Empyrean
- Издава: Frozen District, PlayWay S.A.
- Жанр: Симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 14 декември 2023
Пријатно градење! :)







