Хардвер од минатата недела – CES 2025

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Минатата недела се одржа водечкиот технолошки саем CES 2025. На настанот и оваа година, повторно можевме да видиме импресивни иновации и нови уреди. Од неверојатни телевизори, до уникатни паметни апарати, саемот даде увид во иднината на потрошувачката технологија. Еве некои од најзначајните иновации кои ќе бидат достапни наскоро.

NVIDIA RTX 50 серија на графички картички

Графичките процесори RTX 50 серијата на NVIDIA беа главна презентација за гејминг сцената. RTX 5090, со цена од 1999 долари, ветува двојно зголемени фрејмови во игри како Cyberpunk 2077. Новите функции базирани на вештачка интелигенција, вклучувајќи DLSS 4, ќе постават нов стандард за визуелни перформанси во видеоигрите.

На CES основачот на NVIDIA, Џенсен Вонг, ја претстави револуционерната RTX 5000 Blackwell серија графички процесори. Серијата ги вклучува RTX 5090, RTX 5880, RTX 5070 Ti и RTX 5070. Најмоќните модели ќе бидат достапни до крајот на јануари 2025 година, додека поекономичните варијанти ќе следат подоцна. Со надградби како GDDR7 меморија и DLSS4 за AI-подобрено генерирање на фрејмови, NVIDIA има за цел да постави нов стандард во гејмингот.

Lenovo ThinkBook Plus Gen 6

Иако CES е одлично место на кое може да се пронајде следната генерација уреди за широка употреба, секогаш е поинтересно да се видат концепт уредите. Кога лаптоп компјутерите се во прашање, оваа година тоа секако е Lenovo ThinkBook Plus Gen 6. Хардверот е одличен, но тоа не е причината зошто лаптопот е супер интересен. Уредот доаѓа со екран кој во еден дел е „скриен“, па иако станува збор за 14-инчен лаптоп, со едно притискање на копче екранот се издолжува до 16,7-инчи.  

Овој уникатен, интересен, но и практичен лаптоп покажува како технологијата која до пред неколку години се користеше како „proof of concept“ веќе започнува да се употребува.

MiniLED телевизори од TCL

TCL ги претстави своите најнови MiniLED телевизори, вклучувајќи ги моделите од 115 инчи QM7 и QM6K. Овие модели ветуваат кино доживувања во домот на сопственикот. Она што е импресивно е што TCL успеа да понуди квалитет близок до врвните модели, по подостапна цена. QM6K, со новата MiniLED надградба, ќе го замени минатогодишниот Q6.  Очекувањата се дека новиот телевизор ќе биде достапен за само 2000 долари до крајот на годината.

Valyrian VisionMaster Max проектор

Проекторот VisionMaster Max на Valyrian го привлече вниманието на посетителите на CES 2025 кои се заинтересирани за овој сегмент на пазарот. Најинтересни за потенцијалните купувачи беа напредните карактеристики на уредот. Со 3000 ISO лумени и контраст кој со напредни функционалности може да се зголеми до 40000:1, овој производ поддржан од Kickstarter има одлична слика со практични функции како 55% поместување на леќите со што се поместува и локацијата на проекцијата. Со оглед на тоа дека  VisionMaster Max Projector e проектор за секоја локација, променливите леќи ќе овозможат јасна слика без разлика за колкава соба станува збор.

Со 10 милиони долари финансирање на Kickstarter VisionMaster Max беше рекордер за 2024 година.

Samsung QD-OLED и Frame Pro

Во недостиг на подобар термин кој би можеле да го употребиме, Samsung продолжи да доминира со своите QD-OLED дисплеи. Новите екрани достигнуваат осветленост од 4000 нити. Сепак, вистинската ѕвезда беше Frame Pro. Опремен со MiniLED технологија, овој модел комбинира одлични перформанси и естетика за дополнителна употреба како домашна декорација.

Dangbei MP1 Max и Freedo проектори

Dangbei претстави два проектора за различни потреби на корисниците. MP1 Max, е новиот врвен модел, со 3100 ISO лумени и три-ласерски извор на светлина. Идеален е за корисници кои сакаат да го користат за да си креираат домашно кино. Од друга страна, вториот модел Freedo е пренослив проектор со траење на батеријата од 6 часа и USB-C полнење. Уредот овозможува практичност и ултра-преносливост, без да се намали осветленоста.

LG G5 и M5 OLED телевизори

Кога телевизорите се во прашање LG e една од компаниите кои се години се на самиот врв. Новите G5 и M5 OLED модели ќе обезбедат ова да продолжи барем уште една година. Овие телевизори не само што обезбедуваат подобрена осветленост во споредба со претходниците, туку доаѓаат и со Zero Connect Box за безжични поставувања и можност да се скријат каблите.

JMGO N3 Ultra Max проектор

Проекторот N3 Ultra Max на JMGO го прикажа потенцијалот на употребата на вештачката интелигенција во проекторите. Со помош на вештачка интелигенција уредот може самиот автономно да ја пронајде најдобрата површина за проектирање на сликата и да ја исправи на површината.  Со 4000 ISO лумени, контрастен сооднос од 5000:1 и автоматизиран гимбал, овој производ ќе биде супер интересен за оние кои сакаат проектор со одлични перформанси.

116-инчен UX Trichroma LED TV од Hisense

Оваа година Hisense го искористи CES да го претстави најголемиот Trichroma LED телевизор во светот. Телевизорот доаѓа со огромен екран од 116 инчи (295 сантиметри) со 10000 нити осветленост и намалено сино светло за удобност на очите. Компанијата ја претстави и новата RGB технологија за позадинско светло на дисплејот.

AWALL со подостапен MicroLED

Еден од „победниците“ на CES ова година е компанијата AWALL, не поради супериорната технологија или слика на телевизорите, туку поради тоа успеаја барем малку да ја приближат MicroLED технологијата до просечниот потрошувач. Новиот модел од 75 инчи, доаѓа за цена под 7000 долари, и домашниот кино екран од 162 инчи, со цена од 50 000 долари. Ова секако е превисоко за најголем дел од корисниците, но сепак е значително поприфатлива од цената која е и до неколку пати повисока. За сега, сепак може единствено да се надеваме дека конкуренцијата и иновациите ќе ја намалат цената на MicroLED уредите, па ќе бидат подостапни за сите.

Rokid паметни очила

Ова не е прва година паметните очила да се појават на CES. Сепак до сега најголем дел или не беа корисни или не беа доволно елегантни за секојдневна употреба. Меѓу преносните уреди, оваа година на CES беа и паметните очила на Rokid. За разлика од она што сме навикнале, овој пат имаме уред за кој може донекаде да кажеме дека е елегантен и незабележлив. Очилата доаѓаат со превод со помош на вештачка интелигенција и micro-edge екран, на кој може да се прикажуваат различни податоци. Rokid со своите паметни очила ни овозможи да ѕирнеме во иднината на практичната проширена реалност.

Switchbot K20 Plus Pro модуларен робот за дома

Целта на K20 Plus Pro модуларниот домашен робот се чини дека беше да привлече внимание со својата мултифункционалност. Со можности од прочистување и овлажнување на воздух, до чистење и мониторирање на домот, уредот и успеа во тоа, но и остави многу простор за следната генерација на модуларни додатоци кои треба да ја потврдат неговата употребливост. Секако, со неговиот модуларен дизајн ветува уште поголема разноликост со идни надградби.

Lenovo Legion Go S рачна гејминг конзола

Рачниот гејминг уред Legion Go S од Lenovo ќе донесе високи перформанси по прифатлива цена од 499 долари, правејќи го преносливиот гејминг подостапен од кога било. Од хардверска страна она што е најимпресивно е екранот кој доаѓа со 120Hz динамички рефреш. Од страна на софтверот Lenovo Legion Go S доаѓа со SteamOS. Ова е прв производител кој има соработка со Valve по издавањето на Steam Deck. Колку е навистина импресивен официјално ќе откриеме во мај кога уредот излегува во продажба.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments