Новата серија на RTX 50 графички картички на Nvidia, со кодно име Bleckwell дојде со храбри ветувања за иднината на гејминг хардверот. Компанијата се фокусираше на напредок преку додавање на куп вештачка интелигенција во своите производи. Ако ја гледавте презентацијата на CES 2025 веројатно забележавте и повеќе необични моменти, на пример јакната на Џенсен Хуанг или штитот од графичкиот процесор. Сепак, ако ги занемариме овие обиди за хумор, техничките иновации и перформансите на новите графички процесори оставаат многу интересни впечатоци. Она што е сигурно, ако Nvidia ги оствари ветувањата RTX 50 серијата има основа за генерациски скок.
Новата RTX 50 серија ќе дебитира со четири графички процесори:
- RTX 5090: Со цена од 2000 долари
- RTX 5080: Со цена од 1000 долари
- RTX 5070 Ti: Со цена од 750 долари и
- RTX 5070: Со цена од 550 американски долари.
Најмоќниот модел, RTX 5090, доаѓа со 21 760 CUDA јадра, 32GB GDDR7 меморија и супер висока потрошувачка од 575W. Nvidia тврди дека картичката испорачува двапати подобри перформанси од RTX 4090 во одредени сценарија благодарение на новата DLSS Multiframe Generation (MFG) 4X. Сепак, овие тестови тешко можат директно да се споредат со претходните генерации поради специфичната методологија на Nvidia. Она што е значајно е дека станува збор за игри кои поддржуваат DLSS Multiframe Generation (MFG) 4X.
И покрај маркетиншкиот трик, спецификациите сепак покажуваат значителен генерациски напредок. RTX 5090 нуди огромно зголемување на бројот на CUDA јадра, и повеќе и побрза меморија во споредба со RTX 4090. Дури и средната класа, RTX 5070 Ti, покажува зголемување на бројот на јадра и меморија во однос на претходникот.
RTX 5090
- CUDA јадра: 21 760
- Меморија: 32GB GDDR7
- Мемориски интерфејс: 512-битен
- Максимален Boost Clock: 2,41 GHz
- Потрошувачка: 575W
RTX 5080
- CUDA јадра: 10752
- Меморија: 16GB GDDR7
- Мемориски интерфејс: 256-битен
- Максимален Boost Clock: 2,62 GHz
- Потрошувачка: 360W
RTX 5070 Ti
- CUDA јадра: 8960
- Меморија: 16GB GDDR7
- Мемориски интерфејс: 256-битен
- Максимален Boost Clock: 2,45 GHz
- Потрошувачка: 300W
RTX 5070
- CUDA јадра: 6144
- Меморија: 12GB GDDR7
- Мемориски интерфејс: 192-битен
- Максимален Boost Clock: 2,51 GHz
- Потрошувачка: 250W

Ладење и потрошувачка на енергија
Nvidia воведе ново решение за ладење кај серијата Blackwell. Најмоќната картичка во серијата RTX 5090 Founders Edition користи дво-слотен формат, што е реткост последниве години кога 3-слотните и 4-слотните кулери се значително почести. Новиот дизајн вклучува парна комора со пет топлински цевки и два вентилатори. Иако овие иновации ветуваат подобра термална ефикасност, потрошувачката од 575W е причина за загриженост, особено кај корисниците кои ги оверклокуваат своите картички.
Вештачката интелигенција во фокусот
Вештачката интелигенција е централна за архитектурата на Blackwell. Технологијата DLSS Multiframe Generation генерира до три дополнителни фрејма за секој традиционално рендериран фрејм. Ова може да го зголеми бројот на фрејмови до 8 пати, а истовремено ја намалува употребата на меморија. Пристапот на Nvidia ја покажува посветеноста кон интеграцијата на вештачката интелигенција во гејминг искуството. Токму кај пресметките на вештачката интелигенција е најголемиот исчекор во перформансите, па ќе биде интересно да видиме како ова ќе се одрази и на целосните перформанси.
Цена и достапност
Според цената и перформансите RTX 5090 е позиционирана на врвот во премиум сегментот. RTX 5090 поставува нова супер-висока цена од 2000 американски долари и веројатно ќе се продава за уште повеќе. Ова можеби пожува дека Nvidia е уверена во способностите на Blackwell.
Ако Nvidia ja „дигна“ цената на најмоќните картички, кај моделите од средна висока класа ситуацијата е обратна. Така RTX 5080 се продава за 999 долари, 200 долари поевтино од претходникот или за иста цена како RTX 4080 S.

RTX 5070Ti е 50 долари поевтина од својот претходник 4070Ti. Она што е може да е поинтересно е дека Nvidia ветува перформанси на 5070Ti кои се споредливи со 4090. Дали ова ќе се однесува на некој исклучително тесно одбран сет на пресметки ќе видиме подоцна кога ќе бидат претставени првите официјални тестови од трети страни.
Она што е сигурно е дека RTX 5090 и 5080 излегуваат овој месец, и ќе бидат во продажба од 30 јануари. За послабите модели 5070 Ti и 5070 ќе треба да почекаме до февруари, по што веројатно ќе излезат и останатите картички. Следните неколку месеци ќе покажат дали серијата Blackwell ќе ги исполни ветувањата – или за нов генерациски скок ќе треба да почекаме на некоја друга серија.