Најголемите мобилни оператори во Европа размислуваат за креирање на единствена паневропска мрежа за телекомуникации. Четирите компании кои се на разговори со комесарот Хоакин Алмуниа се Deutsche Telekom, France Telecom, Telecom Italia и Telefónica, јавува Reuters.
Целта на здружувањето покрај креирањето на единствен пазар е и зголемување на конкурентноста на четирите оператори, која во моментов е нарушена поради поделеноста на пазарот. Доколку се оствари идејата за единствен телекомуникациски пазар Европа ќе заличи на Кина и САД кои имаат само 3 до 4 оператори на својата територија.
Приговори нема да доаѓаат од Европа туку од 27-те национални регулатори, тврди неименуван извор, кој е запознаен со разговорите кои се водат. Најголем проблем ќе бидат разликите во инфраструктурата и пред се националните легислативи на поедините членки на Европската Унија. Еден од начините да се оствари ова, доколку не се најде решение за разликите помеѓу поединечните регулатори е со промовирање на договори за споделување на мрежите, изјави г-дин Алмуниа во декември.
Доколку успее планот за „окрупнување“ на пазарот, корисниците може да се надеваат на намалување на роамингот, но и воведување на единствена цена за телекомуникациски услуги и интернет на целиот континент.
Коментари
2 коментари
Коментарите се затворени.