FPS или First Person Shooter е акциона игра во прво лице каде играчот ја искусува акцијата преку очите на протагонистот. Почетоците на FPS датираат уште од далечната 1973 година, со развојот на играта Maze War, но популарност на овој жанр не експлодира се до 1992-та година, кога излезе Wolfenstein 3D и го воспостави урнекот за ваквите акциони игри. Во 1993-та година, Doom само го надгради моделот, а во 1998-та година, Half-Life го усоврши. Денешните игри, особено тие од 2016-та година, само се надоврзуваат на успешната формула, а на вас оставаме да ни помогнете да ја одбереме најдобрата FPS игра. Разгледајте ги нашите предлози, а потоа придружете нѝ се на социјалните мрежи и гејминг секцијата на ИТ форумот за да го дадете вашиот глас за игра на годината!
Superhot – 25 февруари 2016 ▪ Superhot Team
Една од најреволуционерните инди игри нуди доза вртоглава акција каде времето се движи само кога и вие се движите. Претставен како уметнички шутер полн со душа (Washington Post), Superhot е еден од најиновативните шутери (CGMagazine) кој, и покрај кратката кампања, изобилува со огромна вредност за преигрување (PLAY! Zine) и е пример за тоа како една идеја може да се надгради за да се креираат десетици паметни сценарија (The Jimquisition). Superhot e игра која едноставно мора да ја проверите. Ваквиот уникатен концепт резултира со Metascore оценка од 82 поени и има над 95% позитивни рецензии на Steam!
Battleborn – 3 мај ▪ Gearbox Software
Battleborn ја имаше несреќата да го поклопи излегувањето со тоа на Overwatch, а никако не помогна и честата споредба помеѓу овие две игри, што воопшто не е точно. Чедото на Gearbox е сосема различна игра и, за разлика од Overwatch, нуди интересна кампања која можете да ја играте сами или со тројца други херои. Фановите на Borderlands несомнено ќе го препознаат хуморот, но и надградените елементи во гејмплејот. За жал, таквото нешто не беше доволно и, како последен клинец во ковчегот беше и релативната разочараност на критичарите кои допринесоа до metascore оценка од 69. Нарекувајќи ја невообичаен и откачен шутер кој зрачи со стил и харизма (LevelUp), Battleborn сепак се истакнува како забавен наслов и покрај едноставната природа на битките (HookedGamers).
Doom – 12 мај 2016 ▪ id Software
Игра која го заслужува вашето внимание независно дали сте по кампања за еден играч или пак по мрежни пресметки. Doom е едно од најпријатните изненадувања во 2016-та година и успеа да импресионира многу играчи со откачената, брза забава (3DJuegos), елегантен дизајн, фантастични непријатели и релевантен гејмплеј (GameWatchers). Ваквата комбинација од содржителен мултиплеер и кампања е како електричен шок (Games Master UK) кој го воскреснува не само серијалот, туку и целиот FPS жанр (Gaming Trends). Ние би можеле само да се надоврземе на морето од пофални зборови и да додадеме дека Doom се одликува со исклучително долга кампања која со секое напредување само го зголемува факторот на забава, а во моментот кога ќе завршите со тоа, лудилото го продолжувате во динамичниот мрежен дел.
Overwatch – 24 мај 2016 ▪ Blizzard
Како мулти-плеер акција издигната на највисоко можно ниво, Overwatch собра еден куп награди на овогодишниот The Game Awards. Со Metascore оценка од неверојатни 91 поен, Overwatch е преполна со впечатливи моменти кои го редефинираат мрежното играње. Од прекрасни локации и ликови (Destructoid), преку брз, забавен и свеж приказ (The Escapist), па се до одлична техничка оптимизација (PC PowerPlay), Overwatch е хит кој е лесен за играње, но тежок за усовршување (LevelUp). Во случај да барате тимски шутер базиран на класи, шансите да најдете подобро нешто од Overwatch се исклучително мали.
Shadow Warrior 2 – 13 октомври ▪ Flying Wild Hog
Shadow Warrior 2 е за сите оние кои бараат брз и задоволителен гејминг фикс и таквото нешто, дали преку приказната или откаченото насилство, е повеќе од очигледно. Како со првата, така и со втората игра, Flying Wild Hog имаа за цел да понудат графички-исполнително, крајно откачено искуство кое не се ни труди, нити пак сака да биде сфатено сериозно. Со ставање на приказната во втор план, Shadow Warrior 2 само се поставува како одлично решение за инстантно задоволување на вашата примарна и животинска потреба за насилство. А таквото нешто, ќе се сложите, воопшто не мора да има смисла. Прочитајте повеќе…
Battlefield 1 – 21 октомври 2016 ▪ DICE
Потенцијалниот убиец на Call of Duty изгледа преубаво како во мрежниот дел така и во делот за еден играч. Dice одбраа одличен момент да се навратат на немилите настани од Првата Светска Војна и да понудат графички-исполнително лудило од експлозии и врескање кое извлече Metascore оценка од импресивни 88 поени и се нарече раскошен пакет кој капитализира на стагнација на жанрот (Guardian), нуди непотребна кампања (PC Games), но феноменален мулти-плеер (The Escapist) на исто рамниште со Bad Company 2 (PC Gamer).
Titanfall 2 – 28 октомври 2016 ▪ Respawn
Titanfall 2 се одликува со чистокрвна кампања за еден играч, a мрежниот дел може да се пофали со шест различни титани како и феноменален систем на отклучување и надградба на вашите титани, оружја и опрема. Играта има просечна Metascore оценка од 86 поени и е нарекувана од рецензентите како огромно изненадување (GamesBeat) со брилијантна кампања за еден играч (PC Gamer) и со откачен и уникатен мрежен дел (PC Invasion). Respawn успеа целосно да го надгради искуството од оригиналната игра и да ги задоволи играчите кои бараа повпечатливо искуство како во приказната така и во пресметките со другите играчи. Благодарение на флуидната форма на движење/ интеракција со околината и употреба на деструктивните титани, Titanfall 2 дава свежа и уникатна перспектива на FPS жанрот.
Call of Duty: Infinite Warfare – 4 ноември ▪ Infinity Ward
Call of Duty: Infinite Warfare е забавен шутер кој се одликува со невообичаена кампања за овој серијал, но со веќе видени мрежни пресметки. Кампањата е спектакуларен сунѓер кој има впиено милиони долари за да ве награди со импресивно филмско искуство, но ве шамара со клишеа премногу често за да остави позитивен впечаток. Мрежниот дел од играта повеќе се чини како надградба на Black Ops 3 и не воведува доволно револуционерни работи, а зомби режимот на играње и понатаму останува занимлива дестинација се додека имате доволно пријатели за конструктивно тактизирање. Дефинитивно не е лоша игра, но не е ни доволно добра за да ги засени Battlefield 1 или пак Titanfall 2. Прочитајте повеќе….
Killing Floor 2 – 18 Ноември 2016 ▪ Tripwire
По долго време, Killing Floor 2 излезе од раниот пристап и ви дозволува целосно и неверојатно крваво искуство каде со заеднички сили ставате крај на демонските чудовишта од мракот. Двојката е збогатена со стари и сосема нови непријатели, поткренати од комплексни параметри на надградената вештачка интелигенција. Тежината низ нивоата „органски“ се зголемува и секој зголемен степен отклучува нови стратегии и напади на непријателите. За подобро излегување на крај со ваквата орда, ќе ви бидат доделени класични, модерни или сирово брутални оружја и проширени способности за уникатни стилови при играње.
Која е вашата FPS игра на годината? Која се осмеливме да прескокнеме?