{mosimage}(07.04.2009) Associated Press (АP), една од водечките новински агенции, ќе ти тужи агрегаторите на вести кои ја користат нивната содржина без дозвола. Ова предупредување доаѓа откако AP забележа пад во бројот на претплатници и намален профит. „АP ќе започне иницијатива за да си ја заштити содржината од несоодветното користење онлајн“ пишува во соопштението на AP.
„Неможе да стоиме на страна и да гледаме како други ни ја одзимаат нашата работa под несоодветни легални теории“ рече Дин Синглетон, директорот на Associated Press.
За да си ја заштитат содржината AP имаат развиено систем кој ја следи нивната содржина која е онлајн за да проверат дали е соодветно користена.
Исто така намалени се тарифите за претплата и дозвола за користење на содржината со цел истата да им е подостапна како за корисниците така и за агрегаторите на вести.
Еден од таквите агрегатори се Google, кој и претходно имаше недоразбирања со новинските агенции бидејќи Google едноставно заработува од реклами на портали каде е постирана содржината на AP и други новински агенции. Исто така недоразбирањето меѓу Google и новинските агенции е што оригиналниот извор, сајтот на новинската агенција, често не е прв резултат на пребарувачот.
{mosimage}
Вчера исто така Руперт Мурдок, медиумскиот могул, за новинската агенција Reuters рече „Луѓе читаат бесплатно весници на интернет, тоа мора да се промени“.
Г-дин. Мурдок го посочи The New York Times како пример како многу популарен сајт, но сајт кој не може да си ги покрие трошоците со онлајн рекламите. Тој исто така искоментира и за Google.
„Прашањето е, дали да му дозволиме на Google да ни ја краде нашата авторска содржина…не да краде, туку да ја зема. И не само тие, туку и Yahoo!“ рече г-дин. Мурдок.
Најверојатно одговорот на Google ќе го добиеме кога директорот на интернет гигантот Eрик Шмитд ќе одржи говор следната недела утре на годишната конференција на Newspaper Association of America.
Надополнето 08.04.2009:
Извршниот директор на Google, Ерик Шмидт, вчера на годишната конвенција на новинарската асоцијација на Америка изјави дека неговата компанија е пријател на весниците и дека целиот исход од оваа ситуација е зависен од тоа како се гледа на правилото за фер користење на содржините. Тој ги покани весниците кои практично се наоѓаат пред криза, да бидат иновативни во својот настап.
Тој напомена и дека е малку изненаден затоа што AP како главна цел го има Google, кој сепак плаќа за содржини на новинската агенција. Во својот говор, тој ги охрабри издавачките куќи да создаваат потаргетирани вести и продукти кои би биле достапни преку интернет, мобилни телефони и други уреди.
Но независно од говорот на Шмидт, издавачите сеуште се лути на одлуката да се воведат AdWords реклами во сервисот Google News, тврдејќи дека Google профитира на нивна содржина. Извршниот директор на AP не соопшти детали за тоа како неговата агенција планира да ја заштити својата содржина во иднина, но напомена дека ќе се преземат сериозни мерки.
Надополнето 10.04.2009:
Френк Стровел од WTNQ-FM радиото од Тенеси, САД добил интересен повик од Associated Press (AP) кои побарале од него да ги тргне вметнатите (embeded) видеа od сајтот на неговата радио страница, видеа кои се преземени од YouTube каналот на AP.
Но YouTube е бесплатен канал, ако е на YouTube тоа значи дека е јавно, а ако има опција embed (вметни) тоа значи дека тоа видео е достапно на секој да си го закачи на својот сајт. Нормално г-дин. Стровел ги прашал AP за тоа.
„Ни рекоа да ги тргнеме видеата. Јас ги прашав „Зошто имате видеа на YouTube канал со embed кодот? И покрај тоа…тие рекоа НЕ“ е пораката на Twitter на г-дин. Стровел кој додава дека радиото е всушност соработник на AP и дека според разговорот му изгледало дека директорот на АP одделот во Чикаго, со кого што зборувал, воопшто не знае за YouTube каналот на AP и кратко одговорил „Ќе го разгледаме проблемот со YouTube“.
Видеата на AP т.е на нивниот канал го имаат кодот за вметнување и според тоа значи дека секој може да го искористи видеото и да го закачи на свој сајт. Тоа се правилата на интернет.
Кристијан Грантхам, новинар од Тенеси, разговарал со г-дин. Стровел од WTNQ-FM и тој разговор можете да го видите подолу во видео преземено од YouTube бидејќи го има кодот за вметнување/преземање:
Сепак откако се рашири веста и се најде и на TechCrunch, популарен ИТ блог, AP се извини на г-динот Стровел.
По се изгледа Associated Press и сите останати новински агенции кои се обидуваат да си наплаќаат за содржината, ќе мора да го послушаат советот на Ерик Шмидт, претседателот на Google, и да пронајдат нов начин за продавање на својата содржина.






