Единицата за компјутерски криминал при МВР учествуваше во меѓународната операција „CASHSHOP“ која е водена од FBI на територија на три континенти и повеќе држави. Според FBI во Македонија се побарани налози за претрес и распит. По размена на податоци со FBI, МВР сомничи две лица, државјани на Македонија за компјутерски криминал и вмешаност со разбиената мрежа.
Најмалку 24 лица се уапсени во операцијата на американското Федерално биро, известува New York Times. Во Македонија до сега нема приведени осомничени лица. Обвинетите се од 13 држави и се осомничени за илегална трговија со податоци од кредитни карти. Целата операција трае 2 години, а главните докази се собрани преку веб страната „Carder Profit“. Оваа страна беше поставена од FBI и беше еден вид на Е-bay за криминалците.
Официјални претставници на FBI објавија дека операцијата спречила можни загуби од 200 милиони долари. Известени се и повеќе од 400.000 сопственици на кредитни картички чии броеви се нашле на „Carder Profit“. Најголемиот дел од обвинетите, 12, се од САД, но уапсени се и жители на В. Британија, Босна, Бугарија, Норвешка, Јапонија, Австралија, Канада, Данска и Австрија.
Во операцијата е уапсен и Мир Ислам, познат како „JoshTheGod“ кој се сомничи за над 50.000 украдени податоци од кредитни картички, а дополнително обвинение може да му донесе carder.org бидејќи FBI се сомнева дека тој е основач на страната. Некои од обвинетите се соочуваат со 40 годишна затворска казна.