{mosimage} Oткако News Corp. забележа загуби, медиумскиот могул Руперт Мурдок рече дека е време да почнат неговите медиуми да наплаќаат за онлајн содржината.
„Новинарството не е ефтино. Планираме да наплаќаме за сите наши веб страни… Ако ние сме успешни, тогаш ќе не следат и останатите медиуми.“ изјави г-дин. Мурдок. Тој и претходно зборуваше за наплаќање на онлајн содржината, но овој пат е решен да го направи тоа во текот на „фискалната година“ откако News Corp. забележа загуба од 3 милијарди долари.
Прашањето е дали е ова паметен потег, и пред се како ќе биде прифатено ова од публиката?
„Новините имаа 15 години од почетокот на интернет прелистувачите да се пронајдат и да направат нов бизнис модел. Но тие не го направија тоа. Сега се обидуваат да го донесат тој бизнис модел во економија на нови медиуми – економија на линкот, во која линковите ја одредуваат вредноста. Тргнете се од линковите, зад платежен ѕид, и ќе се тргнете комплетно од интернетото и неговите прави вредности.“ пишува Џеф Џарвис, колумнист, професор по новинарство и автор на BuzzMachine блогот.
{mosimage}
Сепак, мора да се напомене дека нема да се наплаќа за целата содржина на сајтовите на Руперт Мурдок, туку по примерот на Wall Street Journal кој е во сопственост на News Corp., ќе се наплаќа само оригиналната содржина на медиумите, додека одредена содржина ќе си биде бесплатна.
Во напорот да извлечат профит, а при тоа да не изгубат читатели, а со тоа и реклами, многу медиуми започнаа да размислуваат за тој бизнис модел – да наплаќаат за својата оригинална содржина. New York Times пред 2 години имаше план да наплаќа годишна претплата, ама откако во тест периодот изгуби многу дневни посети, го укина тој модел. Но соочувајќи се со финансиски загуби, NYT сега планира да наплаќа за одредена содржина, но не за целата содржина на сајтовите.
Но постои интересен трик со моделот на WSJ. Иако некои текстови се зад платежниот ѕид, сепак ако ја копирате УРЛ адресата и вметнете во Google ќе добиете пристап до целиот текст. Ова не е бидејќи Google е „пират“, туку бидејќи WSJ го дозволува тоа за да генерира посети.
Друг бизнис модел кој се разгледува од медиумите е екстремното решение на Associeted Press. Неодамна AP најави дека размислуваат да наплаќаат по 2,50 долари од превземен збор од нивен текст!!
Тој потег на AP беше пречекан од претседателот на Reuters, Крис Ахем, кој твитна „Reuters е спремен да им помогне на тие кои бараат алтернатива на AP.“, кој го образложи својот став и во блог пост.
Проблемот со наплаќањето содржина е во тоа што ако некој наплаќа, друг ќе генерира повеќе посети и повеќе реклами со објавување на бесплатна содржина. Оригиналната содржина нема никаква вредност доколку никој не ја чита. Друг проблем е што читатели се навикнати да добиваат бесплатна содржина. Но од друга страна токму тие читатели ја шират и споделуваат таа содржина онлајн, со што генерираат нови посети. Линк економија? WSJ не за џабе му дозволува на Google да ги води читателите зад платежниот ѕид.






