Крис Хамонд, основачот на Narrative Science, предвидува дека компјутерски алгоритам наскоро би можел да биде добитник Пулицерова награда. Според него тоа ќе се случи во следните пет години, а за 15 години од сега, во 2030 година, над 90 отсто од статиите ќе бидат напишани од вештачка интелигенција. Ако предвидувањето на г. Хамонд ви звучи преоптимистички, дека роботите не се толку интелигентни за да напишат вест, тогаш ќе ве предизвикаме на квиз – Дали ќе може да препознаете што напишал робот, а што човек?
„Погледнете! ги хуманизираме машините и им даваме можност не само да собираат и разгледуваат податоци, но и врз основа на општо прифатени норми да одлучат што е важно, но и да разберат која е публиката, креираме алатки кои ќе овозможат да знаат како да раскажат приказни“, вели г. Хамонд за Guardian.
Во моментов компанијата работи на функционалност за нивниот алгоритам Quill, со која ќе им се овозможи на уредниците да одберат каква сторија сакаат, односно нејзин фокус, а потоа алгоритмот да ја напише истата. Ова според најавата би можело да се случи до крајот на оваа година. Во моментов Quill не овозможува различен тон на тексот и најверојатно и покрај можноста за имплементација нема да го направат ова во догледно време. Во моментов една од поинтересните идеи на компанијата е можност за креирање на персонализирани приказни, пример доколку играат Manchester United и Liverpool, навивачите на двата клуба ќе добијат различни статии, кои ќе бидат понаклонети кон клубот за кој навиваат.
„До крајот на оваа година мислам дека ќе можете да и кажете на машината: Сакам да раскажам ваква сторија. Да речеме дека е за буџетот на градот. Сакам да ги споредам овие бројки со слични градови м сакам да ги анализирам ретроспективно за аномалии, ќе покажете на податоците и текстот е готов. Целата анализа и поддршка ќе биде тука. Јазикот ќе наликува на човек. Новинарите ќе можат да одат до телефоните и да ја пронајдат приказната. Ние ќе ги обезбедиме податоците“, вели г.Хамонд.
Во моментов компјутерите се користат најмногу за кратки финансиски, спортски статии и временски прогнози, но во иднина доколку се оствари предвидувањето на Narrative Science, компјутерите ќе можат да прибираат податоци и да пишуваат најразлични стории, дополнително врз база на пребарувањата на Интернет алгоритмите ќе можат и самите да одлучат што најмногу ги интересира читателите и да потполно самостојно да креираат содржини.