Модел ТВ е нова онлајн телевизија која им се приклучува на друштвото на специјализирани телевизии кои своето деби го имаат прво на Интернет, како Нова и Бла-Бла. Но, за разлика од другите телевизии, како што открива името Модел ТВ ќе биде посветена на модата и модните случувања.
Целта на телевизијата, која објективно повеќе звучи на видео блог е да ги презентира македонските фото-модели, модни дизајнери и студија, а покрај нив како редовни гости најавени се и останатите јавни личности како актери и музичари. „Главниот фокус на телевизијата е да ги следи и обедини модните трендови во Македонија, македонските модни креатори, стилисти и сите луѓе кои работат во модниот бизнис. Модел ТВ ќе продуцира емисии во сопствена продукција, ќе изработува едиторијали и фото-сесии, како и кратки модни филмови“, велат од телевизијата во првата објава.
Тоа што е интересно е што Модел ТВ одбира прво да стартува на Интернет, а потоа да размислува како и каде да се појави на ТВ. Можно е ако се доволно успешни Модел ТВ да го замени Fashion TV, која покрај фудбалот е најпопуларната телевизија за во кафулињата. Идејата да се презентираат македонски модни креатори и модели на екраните е вистински за поздравување, но за да бидат успешни ќе треба да обезбедат содржина и за почеток подобар стрим.







