Изминатиов период се одржаа неколку натпревари по информатика во различни земји низ Европа, на кои учествуваа македонски претставници и дома се вратија со освоени медали.
Нашите претставници освоија еден сребрен и два бронзени медали на Балканската олимпијада по информатика, и два бронзени медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, кои се одржаа во јули во Темишвар, Романија. Кон крајот на јули во Инополис, Русија, се одржа и втората по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика.
За потребите на натпреварите дел од учесниците беа подготвени во Семос Едукација од страна на искусни предавачи.
Кристина Тасева и Тео Китановски се ученици во Семос Едукација, учесници на неколку јуниорски натпревари и добитници на медали.
Кристина започнала да се натпреварува во шесто одделение, односно има поминато 4 циклуси на натпревари во Македонија (училишни, регионални и државни натпревари). Покрај тоа, два пати има учествувано на МГ Купот организиран од страна на Математичката гимназија во Белград, три години по ред на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика ЈБОИ, а во последните две години и на Европската Јуниорска олимпијада по информатика. Досега има освоено неколку први и втори места на регионалните натпревари, втори и трети награди на државните натпревари како и еден бронзен медал на Балканијада.
Тео Китановски има учествувано на многу натпревари по информатика. Со програмирање се бави уште од осум годишна возраст, но започнал со натпреварување минатата година, во седмо одделение. Тогаш освоил прва награда на регионалниот и втора награда на државниот натпревар, а бил и во екипата за МГ Купот во Белград. Годинава има прва награда на регионалниот и државниот натпревар, и учествувал на МГ Купот (каде добил сребрен медал), на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика (каде добил бронзен медал) и на Европската Олимпијада по Информатика. Исто така се натпреварува во математика, англиски и физика.
На прашањето што следи понатаму, кои се нивните нови предизвици и натпревари во најава, Кристина вели:
„Овогодинешните натпревари завршија, така што чекаме да почне одново циклусот во февруари. Во меѓувреме секако следат подготовки, но исто така во план ми е да пробам и други видови на програмирање, освен натпреварувачкото.“
Тео додава:
„Ќе учествувам на овие натпревари и наредната година, цел ми е на интернационалните натпревари да имам барем еден медал повисок од оние што ги добив годинава, но и да освојам медал на Македонската Олимпијада по Информатика на која што за жал овие две години не учествував. Информатиката, односно програмирањето е и мојата желба за професија во иднина, па затоа постојано работам на разни мои проекти од повеќе области. Моментално како највозбудлива и најинтересна област ја гледам вештачката интелигенција“.
За Македонија претставува огромен успех што млади и талентирани ученици редовно учествуваат на вакви престижни натпревари, и уште поважно, се враќаат со освоени медали. Овие натпревари се од исклучителна важност за понатамошен развој во информатичката област и промовирање на дигиталната писменост во нашата држава.