Ова е гостински текст на TheMarshal и првично е објавен на форумот на it.mk.
Ми се допаѓа што на форумов често се развиваат дискусии за Фриленсинг. Но, тоа што не ми се допаѓа, е што понекогаш се шират дезинформации дека фриленсерството е лесно и дека се почнува без ништо. Во реалноста тоа не е така – за да успее, и да се направи транзиција од meksel* во успешен фриленсер кој сам си ги поставува своите услови потребно е многу учење, справување со искомплексирани клиенти и губење на сон.
*терминот е кованица, која потекнува од Индусите што спамаат по форуми и најчесто го поставуваат прашањето “How I mek a sel on Fiverr/Upwork”)
Мит 1: Фриленсер се станува преку ноќ.
Три најчесто поставувани прашања од почетници се:
Прашање 1: Почнав со фриленсинг пред една недела, зашто немам продажба сè уште?
Одговор на првото прашање нема. Тоа е релативно, може да ја направиш првата продажба и за неколку часа, но понекогаш може тоа да потрае неколку месеци.
Потребно е да бидеш колку што можеш потрпелив. Ако не бива за одреден период, тоа е индикатор дека треба да бидете попрезентабилни за потенцијални клиенти.
Прашање 2: Знам да шкрабам во фотошоп, да кратам видеа во After Effects, да пишувам содржина за блогови, да правам Data-Entry, да пишувам фитнес програми. Сакам да почнам фриленс, ќе ми успее нешто од ова? Има ли пазар за тоа? (Слично прашање добив во приватна порака од член на овој форум што ја прочитал оваа тема)
Најкоректен одговор на овие прашање е дека како и во секој останат бизнис, ниту овде не може да се успее преку ноќ. Заблуда е дека креираш профил на Фајвер/Upwork и од утредента викаш “Збогум сиромаштијо”. За жал, по тоа што имам читано на Кајгана/Фемина најчесто така е објаснет фриленсингот.
Ова ви го кажувам од мое лично искуство, почнав да се бавам со фриленс од 2014 година. На почетокот нудев услуги за сè можно што постои, од „лажни рецензии“ за Amazon, data entry, до графички дизајн, фалеше уште да нудам и часови по квантна физика.
Со тек на време, гледање едукативни видеа и читање книги, посетување на форуми и консултирање со поискусни фриленсери… сфатив дека на што поконкретни услуги се фокусираш, толку поуспешнен ќе бидеш.
Значи, за почеток фокусирајте се да нудите услуги што знаете да ги извршите без никаков проблем. Макар тоа и да било, нешто банално. Со тек на време, ќе стекнете редовни клиенти кои можно е да побараат некоја услуга поврзано со тоа.
Заборавив да напоменам, постојат луѓе кои веќе работеле во фирма и имаат искуство. Кај нив целата проблематика е како да се презентираат и да искомуницираат дека имаат искуство. Овдека клучно е порфолиото.
Прашање 3: Колку пари може да се заработат?
Знам дека од сам старт почнуваме со фриленсинг да заработиме – парите се главна мотивација. Но, имајте на ум дека како почетник, најчесто ќе заработувате за кикирики и пиво. Ако ги изиграте картите како што треба, се развивате и станете поконкурентни дури тогаш може ова да ви стане секојдневна професија.
Мит 2: Работиш само на проекти што ти се интересни.
Не, за почетници тоа не е така. Најчесто во оваа ситуација вас ќе ви треба рејтинг и добри рецензии. Па затоа се прифаќаат клиенти од секој тип. Да, може да бидеме пребирливи, но не во краен екстрем.
Мит 3: Сам си ги одредуваш твоите саати.
Ова е точно, но не важи подеднакво за сите. Многу почетници прават голема грешка и не сфаќаат дека со клиентите треба да се искомуницира во која временска зона се наоѓате, во кој период сте достапни и слично.
Повеќето фриленсери што ги знам лично, си немаат одредено свои работни саати бидејќи се плашат да не изгубат клиент. Па многу често работат и до 3/4 саат сабајле. Да бидам искрен и јас спаѓав во оваа група до пред некое време.
Запомнете, доколку сакате да си ги одредите вашите саати, поставете си граници, искомунициајте со вашите клиенти кое време сте достапни, дали работите преку викенди или не.
Е сега, во некој период може да ви се погоди да работите на неколку проекти, а клиентите да ви бидат раштркани низ целиот свет. Можеби во таков период, ќе отстапите од вашите правила, но никако тоа да ви влезе во редовна пракса.
Мит 4: Фриленсингот не е постојан извор на приходи.
Правило број еден (со многу лош превод) треба да знаете дека не треба сите јајца да ги ставате во иста кошница. Потребно е да има диверзификација, да бидете присутни на повеќе платформи и пред се да стекнете неколку редовни клиенти. Можеби и да најдете уште некој начин на приход, без разлика дали е пасивен или не.
Имам пријател кој си става видеа на YouTube, заработува многу ситно од тоа, но во наши македонски услови му е доволно да покрие додека има лош период од фриленс.
Покрај ова, точно е дека секој од нас имал и добри и лоши месеци. Ако сакате да имате стабилни финансии при фриленсинг треба да знаете кога да штедите. Односно, во добрите месеци да тргате пари на страна – со цел да можете да го покриете недостатокот на финансии во “сушните” периоди.
Имам претерпено последици од „work burnout“, бидејќи немав поставено никакви граници. Во следната прилика, ако се развие оваа тема ќе продискутирам повеќе и на таа тема.
За да не бидам досаден и да не биде се во еден пост – микрофонот му го префрлам на @Rufflesaurus . да продожиме со нашата претходна дискусија за фриленсинг. Што овој пат знам дека ќе ни биде аргументирана, цивилизира и пред се од информативен карактер.
Се надевам и дека останти фриленсери, ќе се вклучат и придонесат во оваа дискусија.
Ако сакате да се приклучите на дискусијата за фриленсинг посетете го форумот на ИТ.МК.