Според многумина, Minecraft: Story Mode е урнебесно комично остварување и наративен успех на сега-распуштените Telltale. Првата сезона успеја да привлече големо внимание, до таа мера да втората сезона беше повеќе од загарантирана. Со затворањето на студиото Telltale, многу нивни игри почнаа да исчезнуваат од бројните дигитални продавници, но двете сезони на Minecraft и понатаму се продаваат на Windows продавницата. По сè изгледа, не до долго. Првите две сезони ќе исчезнаат и од Microsoft веќе од 25 јуни. Проблемот кај сево ова е тоа што двете сезони на Minecraft: Story Mode нема да можат одново да се преземаат по 25 јуни.
Низ годините многу игри престанаа да се продаваат на идни купувачи, но сите оние што претходно купиле некоја игра, особено на Steam, без проблем можат неброен број пати да си ја преземаат и играат. Minecraft: Story Mode е првата игра за која сме слушнале дека нема да може повторно да се презема и игра по повлекување на истата од дигиталните продавници.
„Доколку имате која било сезона од Minecraft: Story Mode на Microsoft Windows, macOS, PlayStation 3, PlayStation 4, PlayStation Vita, Wii U, Nintendo Switch, Xbox 360, Xbox One, Android, или iOS, имате до 25 јуни да ги преземете епизодите. Ве советуваме да проверите дали ги имате сите епизоди преземено!“
Дури и ваквата изјава на Microsoft ве принудува да се запрашате што е доколку ги имате сезоните на Steam? Дали и од таму ќе бидат одстранети, знаејќи, притоа, дека Steam не го прави тоа, дури и играта да е повлечена од сите продавници повеќе од 10 години. PC Gamer сметаат дека таквото нешто се однесува и за Steam и дека: „доколку сте ги купиле на Steam, исто така ќе биде потребно да ги преземете пред 25 јуни.“
Ова не нѝ се допаѓа и поставува проблематичен преседан за тоа како можат лиценците на дигиталните игри да бидат третирани во иднина. Многумина корисници се видно револтираани, некои од нив сметаат дека игрите можат да бидат преземани и играни само еднаш, што мислиме дека не би требало да е така. Имено, откако ќе ги преземете игрите, копирајте ги од steamapps фолдерот и префрлете ги на хард диск. По 25 јуни, дури и да го форматирате компјутерот, игрите би требало да работат откако ќе ги вратите назад во steamapps фолдерот.