Моментно, сведоци сме на големиот замав кој го зема вештачката интелигенција. Напредувањето на ВИ зазема значајни чекори и секојдневно опфаќа сѐ повеќе индустрии. Во поглед на одредени софтверски решенија, на пример, вештачката интелигенција дозволува да се направи нешто за само неколку секунди. За истата таа работа, човекот би изгубил часови, ако не и денови.
Во свет каде се цени брзината, ефикасноста и ниската работна сила, вештачката интелигенција се чини како идеалниот избор. Играта Minds Beneath Us го знае ова и се труди да одговори на прашањето: како би се прилагодиле луѓето на напредните форми на ВИ и со константното загрозување на нивните работни места?
Подемот на вештачката интелигенција и падот на човечкиот род
Minds Beneath Us е point and click авантура. Но, овој модел се користи само како алатка – платформа за да се раскаже емоционална, комплексна и длабоко-вознемирувачка sci-fi приказна. Сите гејмплеј механики во Minds Beneath Us се чинат како второстепени и солиден механизам за правилно истражување на бројните наративни слоеви.
Во Minds Beneath Us живеете во технолошки напредно општество. Огромниот напредок во полето на автоматизирани процеси и вештачката интелигенција ги имаат оставено поголемиот број луѓе без работа. За да се спои крај-со-крај, невработените луѓе ги „изнајмуваат“ нивните тела за да бидат искористени за потребите на новата интернет инфраструктура.
Матрикс во друга форма?
За време на ваквиот допринос, минималните потреби на вашето тело се задоволуваат само колку да останете живи. Паралелно со ова, вашиот невро систем се користи за создавање енергија. Ликот со кој вие играте, Џејсон, е еден од таквите луѓе. Но, ситуацијата зазема значително подраматичен облик откако ќе откриете дека технологијата дозволува одредени умови да контролираат луѓе.
Како што напоменавме во неколку наврати, приказната во Minds Beneath Us е одлично напишана, со веродостојни дијалози и непредвидливи заплети кои ќе ве држат во неизвесност до самиот крај. Како за прва игра, BearBoneStudio се има надминато и нуди неверојатно квалитетен продукт кој ќе го паметите долго по завршување на играта.
Целата приказна е одлично испреплетена со ограничувачките гејмплеј механики и уникатниот визуелен стил. Имено, во Minds Beneath Us ликовите се дводимензионални, а околината – тродимензионална. Ова, во комбинација со уникатниот визуелен стил, прикажува вознемирувачки свет во кој се движите, разговарате со луѓе и стапувате во интеракција со најразлични предмети.
Нелинеарна вредност
Ни се допадна тоа што често имате избор што да кажете или да направите. На овој начин, ви се дава поголема слобода, а, со тоа, и повисока вредност на преигрување. Надвор од ова, ќе навлезете во неколку QTE ситуации каде за одредено време е потребно да претиснете одредено копче. Иако не сме фанови на вакви настани, толку беа добро изведени, да однапред се радувавме на таквите динамични промени кои мајсторски ја разбиваа монотонијата од константните разговори. Временските ограничувања се присатни и во разговорите, но времето кое ви се дава да донесете избор е сосема доволно и никако не ве премногу брза туку само ве ограбрува да водите поприроден разговор.
Кога ќе се земе се во предвид, Minds Beneath Us е феноменално остварување и прав погодок за BearBoneStudio. Во случај да сте фанови на авантури и визуелни романи, тогаш лесно ќе бидете импресионирани од емоционалната приказна и нелинеарноста која произлегува од разговорите. Покрај ова, играта одлично раскажува за една од можните мрачни иднини кои би можеле да произлезат од константниот напредок на вештачката интелигенција.
Повеќе детали за играта
- Произведува: BearBoneStudio
- Издава: BearBoneStudio
- Жанр: Авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 31 јули 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9.25
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10