Microsoft најверојатно ќе биде казнет од Европската Комисија за монополот на Internet Explorer до крајот на март, вели Reuters повикувајќи се на три аноними извори. „Комисијата ќе го казни Microsoft пред Велигден“, вели еден од изворите на Reuters.
Казната доаѓа по долгото чекање од страна на Европската Комисија, надевајќи се дека Microsoft ќе го исполни своето ветување и ќе овозможи избор на прелистувач на своите корисници. Спорот се влече од 2009 година кога Microsoft се обврза дека ќе понуди избор на прелистувач при инсталацијата на Windows, наместо да го фаворизира Internet Explorer кој доаѓа преинсталиран на системот. Одбраната на компанијата е дека изборот не е понуден бидејќи е направена техничка грешка. По оваа техничка грешка одборот на директори го казни Стив Балмер со намалување на неговиот бонус.
Казната на Microsoft може да достигне 10 отсто од вкупната заработувачка или 7,6 милијарди долари. Ова нема да биде прва казна за компанијата од Сиетл, која досега поради одлуки на комисијата има исплатено 1,6 милијарди евра.







