Microsoft последниов период како да не може да направи грешка. По објавувањето на Office и најавата за Cortana за Android и iOS, повлекувањето на Internet Explorer, сега компанијата вети дека ќе понуди бесплатната надградба во Windows 10, без разлика дали корисниците поседуваат легална или пиратирана копија на Windows 7, 8 и 8.1.
Првите анализи покажуваа дека компанијата се одлучила за овој потег за регулирање на кинескиот пазар кој е преплавен со нелиценцирани верзии на оперативниот систем, а дури 75 отсто од Windows во Кина е нелиценциран.
„Ќе ги надградиме сите верзии на оперативниот систем на комјутерите кои ги сиплонуваат минималните побарувања на Windows 10, без разлика дали станува збор за легални или пиратирани верзии на Windows“, изјави Тери Мејерсон кој е задолжен за одделот за оперативен систем за ReCode.
Ова е прв пат Microsoft да се одлучи на ваков потфат и своевиден преседан со оглед на тоа дека речиси сите корисници на оперативниот систем ќе бидат опфатени со надградбата. Ова ќе овозможи обединување на корисниците во еден оперативен систем и намалување на потребите за обемна поддршка за претходните верзии на оперативниот систем. А не може да заборавиме и дека Windows 8 немаше забележителна прифатеност веќе подолг период. Microsoft се надева дека дел од приходите кој ќе ги загуби поради ова, ќе ги врати од другите сервиси како Office.
Со оглед на тоа дека станува збор за значителен потфат компанијата започна да бара партнери кои ќе помогнат во имплементирањето на надградбата. Така за Кина официјален партнер на Microsoft ќе биде Lenovo, кој дополнително најави дека започнуваат со производство на Windows Phone телефони. Слични најави за соработка на паметни телефони, доаѓаат и од најголемиот кинески производител Xiaomi кој започна да тестира Windows 10 на своите уреди.
Заедно со оваа објава Microsoft ја објави и минималната потребна конфигурација за Windows 10. Резолуција од најмалку 800×600, 1GB RAM за 32-битната верзија, 2 GB RAM за 64-битната верзија на оперативниот систем; 16 GB слободен простор за 32-битната и 20 GB простор за 64-битната верзија и графичка картичка со DirectX 9 подршка.
Според најавата на сајтот на Microsoft, Windows 10 ќе биде достапен ова лето, истовремено во 190 држави и на 111 јазици. Windows има 1,5 милијарди корисници, а ќе биде интересно да видиме како со легализацијата на пиратските копии ќе влијае на оваа бројка. Куриозитет е и најавата за нова верзија на Windows 10 за уредите кој доаѓаат под етикетата „Интернет на нештата“, која ќе биде достапна за широк дијапазон на уреди од банкомати до gateway.








