Microsoft најавува 2048-битна енкрипција на сите свои клучни платформи, алатки за
продуктивност и комуникација. Засега не е објавено кои се сервиси и услуги ќе бидат опфатени, но споменати се примери со Outlook, Office 365, SkyDrive и Windows Azure. Заштитата на податоците е одговорот на компанијата на програмот на NSA, project MUSCULAR. Според објавените податоци од Едвард Сноуден, NSA ги прислушувала Google и Yahоо „приклучувајќи“ се на оптичките кабли собирајќи незаштитени податоци.
Microsoft ќе го криптира целокупниот сообраќај од корисниците до нивните сервери. Корисниците нема многу долго да треба да чекаат на зголемените мерки за безбедност, бидејќи компанијата ги најавува до крајот на следната година. Дел од услугите веќе се криптирани, Outlook и Office 365 само ќе добијат надградба на моменталната заштита.
„Microsoft е посветен на известување на компаниите и владините корисници доколку добијат законско барање за доставување на нивните податоци. Иако Microsoft мора да молчи за дел од овие барања. Ова сепак сме го правеле во минатото и ќе продолжиме да го правиме во иднина за да ги известиме нашите корисници кога владата ги бара нивните податоци.“, вели Бред Смит од Microsoft.
Покрај ова Microsoft најави отворање на центри во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија. Во центрите ќе биде проверуван секој дел од софтвер кодот издаден од компанијата и ќе испитува дали има оставено дупки кои би можеле да бидат злоупотребен.