Во 2018 година, шведското студио The Bearded Ladies се здобија со позитивна репутација откако го објавија нивното чедо Mutant Year Zero: Road to Eden. Оваа постапокалиптична стратегија успеја да освои бројни фанови на turn-based жанрот, особено поклониците на XCOM серијалот кои бараа малку поразлична димензија за акционо тактизирање.
Критичка-признаеност на Mutant Year Zero допринесе не само да се објави чистокрвно DLC туку и дополнително да се охрабрат девелоперите за насочување на нивните креативни сили во сличен правец. Четири години подоцна, одбележани со уште една тактичка игра под нивниот појас, Corruption 2029, произлезе Miasma Chronicles, но дали нивната најнова игра зазема достојни еволутивни чекори или пак живее на стара слава и срамежливо се крие во сенката на постариот брат?
Убавината на постапокалиптичниот пустош
Miasma Chronicles е една од најубавите игри што можат да се искусат во моментот, со визуелно запрепастувачки пустоши низ Америка – земја која е растргната од свирепа сила позната под името Мијазма. Како одвратни црни јазици, мијазмата се шири низ околината, лиже, корумпира и обвиткува се што ќе дојде во непосредна близина.
Во целиот овој хаос на присилна асимилација, вие играте со Елвис. Младиот дечко е одамна оставен од неговата мајка, но таквата дупка е донекаде пополнета од неговиот заштитнички настроен „брат“, кој всушност е робот. Згора на ова, Елвис поседува мистериозна ракавица која може до одреден степен да ја контролира мијазмата и да ја пренасочи материјата во деструктивно оружје.
Тимот се има посветено на дизајнирање на впечатливиот свет со огромен жар, елан и знаење, а таквото нешто е подеднакво очигледно и во поглед на приказната која постојано не држеше во неизвесност и суптилно го одмотуваше мистериозното клупче. Ова се чини како добитна комбинација со препознатливиот гејмплеј од Mutant Year Zero кој е проширен и подобрен од секој можен аспект.
Борбена заседа
Светот на Miasma Chronicles е огромен и опасен. Овие два факти ги диктираат гејмплех механиките на играта и имате две фази на напредување: преку истражување и преку борба. Па така, кога не го истражувате светот, кога не собирате најразличен плен и кога не разговарате со бројни NPC ликови, се прикрадувате околу непријатели, заземате стратешки позиции и нападате брзо, безмилосно и во цела филмска слава, каде камерата интимно се приближува, ги следи куршумите и нивното свирепо вдомување во телата на непријателите.
Како што напоменавме, XCOM фановите ќе се чувствуваат како да се дома со играва. Дополнително, би кажале дека Miasma Chronicles оди чекор пред XCOM и ви дозволува пред секоја битка да се поставите заседи и да бидете уште подеструктивни кон непријателот. Кога ќе добиете едно оружје, ќе можете прикрадувањето да го искористите и за тивко елиминирање на непријателите, а, со самото тоа, и предвремено, но ефикасно расчистување на бојното поле (под услов да не бидете забележани).
Како дополнителна помош имате уникатни способности кои ги отклучувате за статистичко зголемување на шансите за преживување. Па така, една способност ви го зголемува здравјето, друга ги зголемува шансите за поефикасна заседа, трета испраќа електрични шокови кон непријателите и слично. Дефинитивно нема ништо импресивно во овие полиња, но сепак знаат да помогнат или да бидете посилни или пак полесно да им го скренувате вниманието на непријателите.
Она што знае да биде импресивно е користењето на специјалната ракавица за манипулирање на мијазмата. Со манипулирање на црната змијаста материја околу вас, станувате несопирлива сила на теренот. Чисто за пример, една од првите моќи што ги отклучувате е собирање, трансформирање и пренасочување на мијазмата кон непријателите во вид на вртлози кои креваат во воздух се што ќе им се најде на пат. Ваквите моќи не само што се исклучително практични и задоволителна пресвртница во секоја битка, туку се и визуелен празник за очи.
Трета среќа
Како трето остварување на талентираните The Bearded Ladies, Miasma Chronicles е се што беа претходните две игри и повеќе! Како огромни фанови на овој жанр, бевме максимално одушевени од огромниот свет, комплексниот гејмплеј и одличната музичка подлога. Во случај да сакате тактички стратегии во постапокалиптична атмосфера, тогаш Miasma Chronicles ќе биде солидно решение за неделно дружење. Ова е една од ретките игри на кои пријатно ќе се сеќавате долго по завршување на 35 часовната кампања.
Повеќе детали за играта
- Произведува: The Bearded Ladies
- Издава: 505 Games
- Жанр: Тактичка RPG/ Стратегија
- Платформа: PlayStation 5, Xbox Series X and Series S, Microsoft Windows
Оценка
- Вкупна оценка: 8.5
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 9