Основачот на Facebook и извршен директор на Meta Марк Закерберг повика на отворање на моделите за вештачка интелигенција. Повикот е дел од најавата на новиот модел на вештачката интелигенција Llama 3.1.405B која од оваа верзија доаѓа со отворен код. Доколку останатите компании го следат примерот на Meta ова може да биде големо поместување за идните модели на вештачка интелигенција, за начинот на кој овие модели се развиваат, но и за начинот на кој се користат. Отворањето на Llama е првиот исчекор за демократизација на развојот на вештачка интелигенција кој би можел да има значително влијание на идниот развој.
Вообичаено развојот на нови модели, без разлика дали е вештачка интелигенција, нов хардвер или оперативен систем е предводен од големи технолошки компании кои инвестираат значителен дел од своите ресурси во развојот. Овие затворени модели имаат ограничени функционалности и не се соодветни за сите. Закерберг прави интересна споредба на моменталниот развој на вештачката интелигенција со раните денови на развој на оперативните системи.
Во раните денови на компјутерите, големите технолошки компании од тоа време, инвестираа многу во развој на сопствени верзии на Unix со затворен код. Тогаш беше тешко да се замисли дека кој било друг пристап може да развие таков напреден софтвер. Сепак, на крајот, Linux со отворен код се здоби со популарност – првично затоа што им дозволуваше на програмерите да го менуваат неговиот код како што сакаат и беше подостапен, а со текот на времето стана и понапреден, побезбеден и имаше поширок екосистем кој поддржува повеќе функционалности од кој било затворен Unix . Денес, Linux е индустриски стандард за облак компјутерите и за оперативните системи за мобилните уреди – и заради ова сите ние имаме корист од подобрите производи.
Слично како и кај првите денови на оперативните системи, отворањето на вештачката интелигенција ќе донесе можности за прилагодување. Сите корисници немаат исти потреби. Компаниите имаат барем мала разлика која им е потребна за подобро функционирање на вештачката интелигенција. Отворањето на кодот ќе им овозможи на овие компании самите да ги контролираат своите потреби, да додадат функционалности кои им се корисни, без да мора да користат модел оптоварен со функционалности кои можеби никогаш нема да ги користат. За компаниите кои користат чувствителни податоци за тренинг на моделот, ова ќе значи дека податоците никогаш нема да го напуштат компанискиот екосистем.
Mногу организации ракуваат со чувствителни податоци кои треба да ги чуваат безбедни и не можат да ги испратат до затворени модели во облак преку API. Други организации, едноставно не им веруваат на провајдерите на затворени модели со нивните податоци. Отворениот код ги решава овие проблеми со тоа што овозможува користење на моделите каде што сакате. Општо прифатено е дека софтверот со отворен код е побезбеден бидејќи се развива потранспарентно.
Отворените модели за вештачка интелигенција ќе придонесат и со поголема безбедност. Опасностите од вештачката интелигенција се актуелна тема која не треба да се отфрли. Отворањето на кодот ќе значи дека повеќе „очи“ ќе може да погледнат и да ги споделат своите размислувања за потенцијалната опасност. Наследените предрасуди или ранливости во системот ќе може да се идентификуваат и поефикасно да се решат. Тоа ќе доведе до развој на побезбедни и посигурни модели на вештачка интелигенција. Транспарентноста, ќе ја зацврсти и довербата меѓу програмерите и корисниците, промовирајќи пошироко прифаќање на технологијата за вештачка интелигенција
Уште една голема предност на отворените модели е значително поголемата можност за колаборација. На овие нови системи кои брзо се развиваат можноста за соработка и споделување на експертиза и знаење значително придонесува во подобрувањето на моделот. Поради ова новите модели ќе бидат понапредни. Ова е една од причините поради кои Meta ги повикува сите да придонесат со своето знаење и експертиза во развојот на следните модели на Llama.
На крај, отворениот код ќе биде корисен за сите. Компаниите ќе добијат пристап до нови моќни алатки, истражувачите ќе може да експериментираат слободно, и секој ќе има можност да придонесе во развој на новиот екосистем. Ова ќе донесе побрз развој, но и поширока примена во различни делови.