Македонската академска истражувачка мрежа, МАРНет која има целосна контрола над .мк доменот, не дозволи регистрација на Wikileaks.mk домен без притоа да образложи конкретна причина, соопшти хостинг компанија МКХост преку својот Twitter профил.
„Преку нашиот сајт добивме порачка за регистрација на доменот Wikileaks.mk, кој веднаш го проследивме до МАРнет. Истиот ден проследивме уште 2 домена. По два-три дена, двата домена беа регистрирани, но не и доменот Wikileaks.mk. После недела дена се обидовме да контактираме телефонски со МАРнет, но ни рекоа дека има некој проблем и ќе ни се јават за 10 минути… повратен повик не добивме тој ден. По неколку дена, откако испративме три и-мејла, добивме одговор дека доменот неможе да се регистрира, без подетално објаснување.”, вели Иван Петрушевски од МКхост.
Клиентот, Сенад Аруч, познат на македонската јавност по хакирањето на iPhone-от, ни објасни дека идејата зад Wikileaks.mk било да се создаде mirror сајт на постоечкиот Wikileaks и да се објави локален концепт на сајтот, преку кој сите граѓани што имаат некакви доверливи информации кои се плашат да ги објават, да ги објават преку сајтот.
Во текот на целиот ден се обидовме да контактираме со МАРнет, но оттаму добивме само информација дека правното лице не е достапно и дека не постои друго одговорно лице кое може да даде изјава. По ова, се упативме во Министерството за информатичко општество, од кое не добивме конкретен одговор.
„Ние како министерство немаме надлежност над МарНет. Заради вакви и слични проблеми со коишто се соочува приватниот сектор во Македонија, Министерството за информатичко општество предложи до Владата на Република Македонија да се оформи нова институција која што ќе раководи со македонските домени и академската мрежа. Таа институција ќе започне со работа од почетокот на наредната година.”, вели ИТ министерот Иво Ивановски.
Би било чудно МАРНет да се обиде да цензурира регистрација на Wikileaks домен, контроверзен домен кој се користи за објавување на доверливи документи, бидејќи веќе дозволи регистрација на mkleaks.mk домен. Всушност, тоа не би било логично бидејќи веќе има 2 македонски mirror сајтови, копии на Wikileaks.
Можеби МАРНет не сака да регистрира .мк домен кој е сличен со познат „бренд“, сајт како Wikileaks за да нема забуни? Како и да е, потребен е одговор бидејќи се надеваме дека МАРНет ќе се претвори во алатка за граѓаните, не против нив.
Коментари
36 коментари
Коментарите се затворени.