Два дена нè делат од излегувањето на Echoes World и на Android платформата. Echoes World е iOS игра на македонското студио Maximus Ludos Studios, со седиште во Холандија.
Оваа преубава игра се наметнува како наслов кој на уникатен начин вклопува добро познати активности со бои и меморија и допринесува до интерактивно стимулирање на сетилата. Како резултат, играчите работат кон зголемување на фокусот, како и подобрување на вештините за геометрија и архитектура. Играта беше топло прифатена од iOS корисниците од целиот свет, до таа мера да Echoes World во еден момент се најде на 1 место за најпродавана игра во Хрватска, Бугарија и Македонија, а и на топ 10 место во Холандија. Атмосферата за тоа како се има оформено студиото и како се движел креативниот процес нѝ беше дарежливо пренесен од еден од членовите на студиото, Иво Јаневски. За целото интервју можете да се информирате тука!
Echoes World се продава на App Store по цена од околу 100 денари (2 долари), но играта ќе биде бесплатна за играње на Андроид платформата. За тоа дали ќе биде целосно бесплатна или само почетните нивоа, останува да се види кога играта ќе излезе. Инаку, посветата на студиото се чини загарантирана и авторите веќе работат на понатамошна надградба на играта со нова музика, нови дизајни и нови мисии и цели. Во план е и јазична локализација на француски, германски, руски и кинески, како и на македонски.
Тимот објасни дека Echoes World ќе излезе и за PC и тоа преку платформата на Valve, Steam. Датумот за таквата транзиција сеуште е непознат.