Hoyo Tech, македонска софтверска компанија специјализирана за автоматизација на паметни домови, се здоби со признание од Deloitte. Ова е втора компанија годинава која се кити со признание од Deloitte, по Adeva која доби признание Fastest 500 in North America.
За Hoyo Tech, ова е втор пат да се најде на една ваква листа. Во 2022-ра година, компанијата беше идентификувана како компанија која треба да се следи (Companies to watch) на листа од истата консултантска кужа, а сега е добитник на признанието „Impact Star“ за компании во Централна Европа.
Ова беше повод за да поразговараме со ко-основачот на компанијата Димитар Стојкоски околу тоа што го работат и како се имаат најдено на листата на Deloitte.

Кои се Hoyo Tech? кога е основана, колку вработени има и на што работите?
Hoyo Tech е македонска софтверска компанија која е основана во 2018-та година.
Нашата приказна започна со идеја да направиме ИоТ
решение за автоматизација на домовите (Smart Home систем). После бројните истражувања кои ги направивме увидовме дека ИоТ продуктите за Smart Home кои се достапни на пазарот не се целосни и имаат определени недостатоци. Некои решенија беа екстремно скапи а други не нудеа соодветна заштита и приватност.Тука се роди нашата иновација да направиме сопствено решение со кое ќе ги пополниме недостатоците на ИоТ уредите на пазарот и веруваме дека со Hoyo Home тоа и го постигнавме. Успеавме да направиме продукт со кој ќе им помогнеме на нашите корисници поефикасно да управуваат со своите домови а воедно системот да им помогне во секојдневните активности, безбедност на домот и заштеда на електрична енергија. Сметаме дека ова се клучни фактори во одлуката некој да имплементира Smart Home решение во својот дом.
Освен Hoyo Home како главен продукт, во нашето портфолио вклучуваме Fleet Management систем како и неколку софтверски решенија кои сеуште се во развојна фаза и не би сакале да ги откриеме.
Како софтверска компанија нудиме и развој на целосни софтверски решенија од идеја до целосна реализација.
Нашта компанија моментално има над 35 вработени во 4 канцеларии во Скопје, Струга, Приштина и Њујорк.
Како се најдовте на листата на Delloite за Impact Start achievement во централна Европа?
Секоја година Delloite дава можност компаниите да принесат финансиски извештаи и презентација за компанијата . Врз основа на тоа Delloite вршат анализа и проценка на компаниите и ги подготвуваат своите листи.
Ова е втора година по ред да бидеме единствена македонска компанија која се најде на една од листите на Delloitе.
Минатата година бевме рангирани на листата за категоријата“Companies to watch”
Што е она што го забележувате како моментален тренд во Smart home индустријата а го немаше пред 3 години?
Во последните неколку години забележуваме забрзан тренд на нови ИоТ уреди кои излегуваат на пазарот. Меѓу нив најчести се апарати од бела техника кои секојдневно ги користиме во нашите домови. Од паметни правосмукалки кои сами знаат кога треба да чистат до паметни фрижидери кои ни кажуваат и не известуваат за статусот на продуктите кои се наоѓаат внатре.
За среќа овој тренд кој сега го гледаме успешно го предвидовме и уште од самиот почеток го прилагодивме нашиот продукт да може константо да се надградува и да ги поддржува овие уреди. Главната цел на Hoyo Home е да ги агрегира сите ИоТ уреди кои постојат во даден дом и да се контролираат од едно централно место. Самата ИоТ индустрија со усвојување на посебни унифицирани стандарди ни помага да бидеме во можност константно да го надградуваме нашиот систем да поддржува најнови ИоТ апарати и уреди. Со тоа ние како компанија може да им гарантираме на нашите корисници дека секогаш ќе бидат во тек со најновите и најпопуларните технолошки трендови.
Вториот и најважниот тренд е примената на вештачката интелигенција во ИоТ индустријата. Со тоа се отвораат нови врати и можности за целосна автоматизација на некои процеси. Вештачката интелигенција придонесува самиот смарт систем да работи автономно, да ги анализира корисничките потреби и да носи одлуки кои ќе го подобрат корисничкото искуство. Веруваме дека тоа е иднината на ИоТ индустријата и дека за брзо време ќе видиме огромен бенефит од заштеда на електрична енергија која ќе произлегува од користење на Smart Home системи.

Со кој досегашен проект највеќе се гордеете?
Ова е тешко прашање кое мислам дека не би можел да го одговорам за проектите кои ги имаме развиено. Исто како родител на повеќе деца да го прашате кое дете му е омилено, нормално дека не може да ви каже затоа што сите деца подеднакво ги сака. Но ако зборуваме за продуктите кои јас лично сум ги работел во мојата професионална кариера, дефинитивно би кажал дека Hoyo Tech е проектот на кој сум најмногу горд.
Какви се вашите размислувања за скептицизмот околу безбедноста на Smart home решенијата? Што е она што го гледате на темава од ваше искуство…
Безбедноста е една од клучните точки во првичната идеја за Hoyo Home. Целата идеја тргна од концептот да направиме безбедно ИоТ решение со цел да го разбиеме овој скептицизам. Како што напоменав на пазарот постојат многу ИоТ уреди и една карактеристика која ги поврзува 95% од нив е дека сите бараат пристап до интернет. Воглавно целиот процес на користење на ИоТ уред вклучува истиот константно да биде конектиран на интернет и секој статус да го споделува со Cloud сервер.
Нашето решение функционира со локален ИоТ сервер и со тоа гарантираме дека сите кориснички податоци остануваат локално и не се врши така наречен Data Harvesting. Модулите кои применуваат вештачка интелигенција ги користат исклучиво локалните податоци за да може најпрецизно да учат од поставките на дадениот корисник и да се прилагодуваат само на неговите потреби и преференси.
За поголема флексибилност нудиме и мобилни преку кои корисникот може да го контролира својот дом. За да се осигураме дека приватноста е зачувана користиме најсовремена енкрипција во целиот процес на комуникација со директна конекција на мобилната апликација до локалниот ИоТ сервер.

Кои 5 совети би ги дале на корисниците на Smart Home уреди за зголемување на нивната безбедност?
Пред сѐ, мора да се земе во предвид дека пазарот е преплавен со ИоТ уреди кои имаат единствена цел да прибираат кориснички податоци. Иако делуваат привлечни сепак би ги советувал корисниците да направат анализа на производот пред да го имплементираат во својот дом.
Ова се 5 совети кои јас сметам за зголемување на нивото на безбедност во вашиот дом.
- Да купуваат производи од познат производител кој подлежи под некакви регулативи (ЕУ или USA).
- Со користење на уреди за рана детекција на проблем може навремено да се реагира и да се спречи било каква хаварија.
- Користењето на алармни системи помага навремена интервенција во случај на грабеж.
- Користење на паметно видео ѕвонче кое има можност за детекција на движење драстично придонесува во безбедноста на домот.
- Системи за видео надзор се најрелевантно сретство за зачувување на безбедност на вашиот дом.
Што е следно за Hoyo Tech?
Во моментов многу амбициозно работиме на неколку нови производи кои сакаме да ги пласираме на пазарот.
Наскоро планираме и отво
арање на online продавница која на пазарот ќе понуди едно поинакво искуство во креирање на паметен дом, а со нова смарт канцеларија, која наскоро ќе ја отвориме во Скопје, сите заинтересирани клиенти ќе бидат во можност да дојдат и сами да го испробаат нашиот ситем.








