Еспортот зазема се поголем замав, особено во Македонија. Од 14-ти до 19- ти ноември се одржува светското првенство во Израел, а како наша репрезентација, Македонската еспорт федерација испраќа вистински ветерани.
Имено, за време на 13-тото светско првенство во гејминг, во натпреварите во CS:GO земаaт учество Јане “aidKiT” Апостолоски, Дамјан “kyxsan” Стоилковски, Александар “CacaNito” Ќулукоски, Павле “stYleEeZ” Стојановски и Кристијан “fodor” Поповски, додека за ултимативната титула во eFootball 2022, ќе се бори Давид Гаревски.
Од официјалната Facebook страна на Македонската еспорт федерација веќе се сподели пост дека репрезентацијата е безбедно пристигната во Тел Авив и дека репрезентативците ги чека уште едно патување до Ејлат, каде се очекува започнувањето на светското првенство.
Податоци и следење на целиот настап го имате преку официјалниот канал на МЕСФ, на Twitch.
Инаку, Македонската Еспорт Федерација е непрофитна организација одговорна за еспорт натпревари и турнири. Со седум клубови и повеќе од 120 тимови, федерацијата беше официјално регистрирана во 2009 година и се смета за првата еспорт организација во Македонија. Неофицијално, федерацијата е дел од меѓународни натпревари од 2005 година. До сега, федерацијата има учествувано на 11 меѓународни шампионати.
Репрезентациите од целиот свет ќе се борат за нивното место под сенката во игри како Dota 2, eFootball, Tekken 7 & CS:GO. Навиваме за нашите! Нека им е со среќа!