Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) објави Предлог-национална краткорочна ИКТ Стратегија за 2016-2017 година во која ги наведе проблемите со кои се соочува македонската ИТ сцената; споредбите со другите држави, и предложените решенија со кои локалните ИТ компании и стартапи ќе можат да останат во чекор со конкуренцијата од останатите држави.
До сега од други извештаи, конкретно од извештајот на Светскиот економски форум, дознавaме дека во Македонија има инфраструктура и корисниците сакаат технологија. Во Европскиот извештај е пофалено информатичкото општество кое напредува. Но, постојат сериозни проблеми поради инертноста и неинвентивноста на македонските компании и власт. Можеби затоа не е чудно што повеќето решенија предложени во Краткорочната стратегија предлагаат финансирање на иновации, помогнати со неодамна стартуваниот Фонд за технолошки развој кој подели околу половина милион евра на македонски стартапи. Сепак и покрај овие обиди, кои се всушност прв обид на власта да инвестира во стартапи, иако со европски пари; јасно е дека македонската иновативност заостанува зад балканските земји, и тешко може да се спореди со западните ИТ индустрии. Потребно е сериозно залагање, и можеби, можеби ако се спроведе како што треба, оваа краткорочна стратегиј ќе биде основа за вистинско информатичко општество.
Лошото и грдото
Нема зошто да не му веруваме на ИТ министерот Иво Ивановски кога вели дека македонскиот ИКТ пазар напредува, има повеќе компании, повеќе вработеи и повеќе приходи. Конкретно во 2013-та година, од кога се земени податоците, имало 1.446 пријавени компании и 16.205 вработени, што е 2,4 отсто од вкупната работна сила. Во 2013-та година овој сектор изнел ИКТ услуги од 119,8 милиони евра, што е за 13 отсто повеќе од 2012-та година. Полека, но сигурно пазарот напредува. Но, не треба да се лажеме дека овој позитивен тренд е поради добрите владини политики или поради иновативните македонски компании. Растот е поради позитивниот глобален тренд – глобалната побарувачка за ИТ услуги расне, интересот на корисниците расне, и нормално е и Македонија да биде зафатена од овој бран.
Сепак, краткотрајната ИКТ стратегија е обид да се забрза развојот. Таа е најавена како основа со создавање на долгорочната стратегија до 2020-та година. Целта е, како што се вели во документот, да се зголеми продуктивноста со помош на технологијата; да се подобрат вештини кои генерираат приходи; да помогне во развојот на другите индустрии, образованието и истражувачките дејности; да го намали јазот помеѓу социјалните и економските предизвици; и да спречи младите и образовани кадри да си одат од земјата.
Но, пред да ги направи сите овие работи, пред македонската ИТ сцена има предизвици кои мора да се решат што е можно побрзо. Meѓу тие предизвици, наведени во стратегијата, се:
- македонските компании имаат тежок пристап до потенцијални клиенти надвор од земјата;
- мал број на програмери за поголеми проекти во компанија;
- малку развиена култура на соработка помеѓу компаниите;
- ниско ниво на доверба кај македонските компании;
- недостаток на вештини и индустриско производство на софтвер;
- недостаток на ИТ стандарди и сертификати;
- oграничен пристап до финансии;
- недостаток на меѓународни маркетинг вештини и експертиза; ограничени меки вештини;
- конкуренција од земјите во Југо-источна Европа;
- одлив на образовани и квалификувани ИТ професионалци;
- глобални играчи и присуство на продавачи на стоки и услуги;
- ниска употреба на можности за финансирање за бизнисите преку средствата понудени од страна на меѓународните институции, фондации и програми;
- жените се помалку застапени во ИКТ секторот;
- жените се лишени од повисоки менаџерски позиции во ИКТ;
- компаниите од секторот за софтвер и ИТ услуги немаат доволно раководни капацитети и имаат слабо планирање на човечките
- ресурси, политики и практики кои не се родово чувствителни.
- нема доволно „структурирана и организарана“ практично работење и пракса за студентите.
Гледајќи ја оваа листа, која всушност е подолга во документот, јасно е дека Македонија има вистински пречки да стане конкурентна во ИКТ индустријата. Но, за среќа на сите, технологијата ги избриша физичките граници, овозможувајќи да се работи со меѓународни клиенти. Ова е всушност решението за македонските ИТ компании.
Доброто
Повеќето македонски ИТ компании работат оутсорсинг, и тоа според краткорочната стратегија е позитивно бидејќи „работејќи за меѓународни клиенти, на локалните македонски ИКТ компании им се овозможува да се стекнат со најновите технологии и со know-how управување, така што таа го поддржува трансферот на технологии. Пазарите за извоз овозможуваат многу поголем развоен потенцијал на македонските ИКТ компании, за разлика од нивните домашни пазари кои се мали и неразвиени“.
Поради својата динамична природа, ИТ индустријата нуди куп можности за секоја компанија – од иновативни облак решенија, до развивање на европска култура и познавање на јазици помеѓу професионалците, кои главно се млади и талентирани луѓе. Постојат флексибилни работни часови, поддршка од меѓународни организации, има стабилен економски развој, поголема и подобра конкуренција и релативно пониски трошоци.
Предложени решенија
Според документот, „развојот на ИКТ секторот во Република Македонија е важен дел од националната стратегија, во која јавниот сектор треба да биде лидер, но, исто така и партнер на бизнис секторот и другите сектори“. Како принципи по кои се води стратегија се наведени родовата еднаквост, интелектуална сопственост, приватност и личниот идентитет и обезбедување можност за иновации и развој на локалната ИКТ сцена.
Понудени се неколку решенија кои би требало да ја подобрат македонската ИКТ сцена, да поттикнат иновации и развој и да креираат информатичко општество. Решенијата си имаат одреден буџет и временски рок кој е преставен во Акциониот план за краткорочната стратегија:
- ќе се промовира иновативноста и ќе се зголемува бројот на жени во ИКТ компаниите;
- ќе се делат ваучери од 1.230.000 денари за ИКТ иновации за воведување иновативни решенија во компаниите;
- поддршка за развој на стартап компании и инкубатори, во соработка со универзитетите. Ова ќе биде помогнато со инјектирање на финансиска и правна помош за стартапте, инкубаторите и акселераторите. Најавени се 3 милиони денари за обезбедување простор за бизнис акцелератор;
- се размислува за креирање на технолошки парк за кого се оделени 610.500 денари за консултанти кои ќе видат дали овој проект е изводлив;
- ќе се намалат даноците за компаниите кои увезуваат софтвер;
- ќе се унапредува е-трговијата во Македонија која е на ниско ниво преку легислативни измени, промоции и обуки;
- ќе се понуди пристап до ЕУ фондовите Horizon 2020 и Cosme кои инвестираат во иновативни технологии и универзитетски истражувања;
- ќе се зголемува конкурентноста преку воведување на меѓународни стандарди;
- владата ќе ги поттикне институциите да користа услуги на домашни компании, за намалување на трошоци и поддршка на локалните компании;
- ќе се зголеми медиумско покривање на национални и меѓународни примери на добри практики, односно пример за успешни стартапи и бизнис модели. За овие кампањи се предвидени 1.845.000 денари;
- ќе се брендира македонската ИТ сцена со „Outsource to Macedonia”;
- паметното омрежување мора да стане неразделен дел на традиционалните сектори како што се енергетиката, администрацијата, транспортот, образованието, земјоделството, сточарството, туризмот, здравството,домувањето, негата на постари лица, сообраќајот, секојдневното функционирање на урбани средини итн;
- ќе се промовира мрежна неутралност со воспоставувањето и развивањето на регулиран телекомуникациски пазар и мрежна неутралност ќе обезбеди максимален бенефит за крајните корисници (не-дискриминаторски и транспарентни сервиси и брз пристап до информациите) истовремено овозможувајќи им на потенцијалните понудувачи на ИКТ услуги фер пазар со приоритет на конкурентноста и мрежната експанзија;
- ќе се поттикнат еколошки решенија како поголема употреба на електронски административни услуги и замени на постари уреди со нови кои трошат помалку енергија;
- ќе се промовира облакот како технолошко решение за посигурни информации;
- подобрување на формалното и неформалното образование, вклучувајќи доживотно учење.
На кратко, ако се изведе како што треба – транспарентно, отворено, со интересе за понатамошен развој на ИКТ индустријата, наместо во интерес на партиските одолжувања, што е проблем во Македонија со години и што не прави, за жал, скептици – тогаш Македонија може да биде конкурентна ИТ земја. Како што напредува Балканот, така може да напредува и Македонија. Во спротивно, ќе заглавиме пак со онаа лажна визија на „земја на информатичари“ од 2008-ма година.








Несакам да политизирам, но бидејки буџетот за Скопје 2014 изнесува официјалн над 560 мили евра до 2013 година, за 136 проекти. До завршувањето на истиот проект сигурно таа сума може и да е дуплирана.
Нереално и ирационално, да не се земе ниту во предвид градење на еден ИТ центар. Со инфраструктура која ќе ѓи задоволува потребите на една ИТ фирма за истражување и развоја. Секоја странска компанија која сака да отвори еден таков центар има потреба со пронаоѓање на простор, иако е субвенционирана од Владата и пофалена за залагањата и помошта која ја пружи. Тие самите се свесни дека многу полесно би се развивало ИТ општеството со вакви центри. За зал ние немаме ниту еден, а уште пожално е што нема ни да добиеме во догледно време.
"наместо во интерес на партиските одолжувања, што е проблем во Македонија со години и што не прави, за жал, скептици"
Ова е тоа.
И секако, тоа што уште не нема на мерчант листата на googleplay, доста битен фактор :)
https://support.google.com/googleplay/android-dev…