Што е WATCH_DOGS2?
WATCH_DOGS2 е акциона авантура во отворен свет. По разочарувачката игра од 2014-та година, развојното студио Ubisoft Montreal реши да ги засука ракавите и да проба уште еднаш да го ревитализира серијалот. Двојката е сместена во фиктивен Сан Франциско и ве става во улога на хакер кој, работејќи за хакерската група DedSec, има за цел да го уништи градскиот систем за следење. Покрај можности за имплементирање сајбер напади ќе можете да возите бројни автомобили, а онаму каде компјутерските познавања потфрлуваат, се потпирате на богатиот арсенал од огнени оружја. Или со други зборови: WATCH_DOGS2 e GTA V, но од сосема различен агол.
Кои се Ubisoft Montreal?
Основано во 1997-та година, студиото започна со развивање ниско-буџетни игри од сомнителен квалитет. Во 2002-та, меѓутоа, талентираните Французи ја зацементираа славата со првата Tom Clancy’s Splinter Cell – игра која на времето ги собра сите награди и со години беше споредувана како технички супериорна игра и пример за акциони игри со прикрадување. Охрабрени од успехот, годината по таа ја исфрлија Tom Clancy’s Rainbow Six 3: Raven Shield, а набргу по тоа и чудото Prince of Persia: The Sands of Time. Од тој период, студиото го задржува препознатливиот успех со солидни продолжетоци и во моментот кога сите мислеа дека Ubisoft Montreal го достигнал врвот на нивната слава, во 2007-та година, излезе Assassin’s Creed и го запали светот со до-тогаш невидените гејмплеј елементи, уникатен начин на кажување приказна, како и флуидна имплементација на паркур дисциплината во трчање. Низ годините, Ubisoft Montreal продолжуваше со вредно исфрлување продолжетоци, во чиј кош се најде и Far Cry (со исклучок на единицата, која беше направена од друго студио). Со излегувањето на WATCH_DOGS2, авторите еднонасочно се посветуваат на For Honor – игра од која се очекува да го раздрма светот на ист начин како нивните претходни хитови.
Што вели светот за WATCH_DOGS2?
Со највисока оценка од 98 поени, Cheat Code Central нема од што да не се импресионирани и велат дека двојката го надминува оригиналот во секој можен поглед и на најдобар можен начин. Gamer.no ја наградува играта со 90 поени и објаснува дека сè што не функционираше во првата игра е отстрането или претопено во совршена форма и дека играта се поставува како возбудлив и предизвикувачки наслов кој зрачи со уникатен идентитет. IGN ѝ дава 85 поени и признава дека препознатливите механики за хакирање се одлични потсетници за тоа дека не играте уште еден GTA клон. Со ист број поени, Destructoid вели дека се пријатно изненадени од слободата која им се дава и можноста да се изгради впечатливо и исклучително забавно искуство. Game Informer исто така се задоволни од гејмплеј елементите (78), но не и со приказната која се мачела да ги држи заинтересирани.
Одејќи низ жолтата зона од рецензии, Worth Playing дава 70 поени вели дека играта е прелесна на моменти и доколку не ви се допадна концептот од првата игра, нема да бидете премногу импресионирани од втората. Со ист број поени, Eurogamer Poland вели дека се работи за чуден продолжеток на кој му недостасува вистинска иновација. Според нив, приказната е медиокритетна и новата насока нема да им се допадне на сите.
Гејмерите делуваат прилично задоволни од WATCH_DOGS2 и за PS4 верзијата 379 рецензии се позитивни, а 72 негативни. Xbox1 верзијата има 79 позитивни рецензии, а 22 негативни. Ситуацијата на Steam е уште подобра и од 821 рецензија 84% се позитивни.
Што велиме ние?
Од скромното време поминато со играта, можеме само да се приклучиме на позитивните мислења и да додадеме дека WATCH_DOGS2 навистина не е револуционерна, но она што го прави го прави совршено и е сè што требаше да биде првата игра. Приказната делува повеќе од интересна, а тајните на огромниот свет, заедно со тие на жителите, преколнуваат да бидат истражени. Ниедна друга игра не посветува толкаво внимание на модерната технологија, а приказната, во комбинација со централните елементи на гејмплејот, на уникатен начин ја издигнуваат WATCH_DOGS2 од морето GTA клонови.
Што велите вие?
Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!
- Развивач: Ubisoft Montreal
- Издавач: Ubisoft
- Режисери: Џонатан Морин, Патрик Плорд, Дени Беланџер
- Дизајнер: Пиер Савард, Фалко Појкер
- Писател: Лусиен Солбан
- Композитор: Хадсон Мохак
- Серијал: Watch Dogs
- Платформи: Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One
- Излезена на: 11 ноември 2016
- Жанр: Акциона авантура во трето лице
- Режими на игра: едно и повеќе лица