Што е Dishonored 2?
Како што веќе напоменавме претходно, Dishonored 2 ви дозволува да продолжите да ги негувате вашите прикрадувачко-атентаторски способности со истиот ветеран од првата игра, Корво, или пак со сега-пораснатата Емили. Со оглед на нелинеарната природа на играта, имате потполна слобода во сите пристапи и односи со непријателите. Во ова значително помага новиот систем од несмртоносни ликвидирања, а хаос системот е проширен со етикетирање NPC ликови како сочувствителни, виновни или убиствени. Убивање на сочувствителните ликови ви дава значително повеќе хаос отколку убивање некој од другите две категории. Количината на наталожениот хаос влијае во дијалогот на Емили или Корво, како и на светот околу нив. Наднормалните способности се значително проширени, а нивната надградба е раздлабочена и ви дава избор во тоа каква форма ќе заземат појаките алтернативи. За разлика од моќите на Корво, Емили располага со многу поразличен паранормален арсенал.
Моќите од првата игра и понатаму му стојат на располагање на Корво, но задлабочениот систем за надградби нуди позадоволително искуство каде Blink техниката за инстантна телепортација од една до друга точка може да се надгради за да го стопира времето или пак да нанесе повреди на сите кои се во непосредна близина. Devouring Swarm ја елиминира потребата од криење тела, а моќта за поседување е значително посилна и ви дозволува да контролирате мртви тела како и неколку луѓе.
Емили, од друга страна, може да повлече предмети и луѓе со моќта наречена Far Reach, како и да се „прилепи“ за нешто и да се отфрли во тој правец. Mesmerise моќта ѝ дозволува да го сврти вниманието на непријателите така што ќе ги втурне во еден вид наркотична состојба, а со Domino, талентираната девојка поврзува неколку луѓе во доживување иста судбина. Shadow Walk ѝ дозволува забрзано и, навидум, бестелесно движење во форма на облак, а Dopelganger создава клон за одвлекување на непријателското внимание.
Кои се Arkane Studios?
Како француско студио, Arkane Studios влијаат на гејмерската индустрија уште од 1999-та година. Нивната прва игра Arx Fatalis успеја да привлече огромен број фанови во 2002-та година, а слична беше ситуацијата и со нивниот хит од 2006 година – Dark Messiah of Might and Magic. На времето, Dark Messiah имаше иновативен систем за борба со ладни оружја, а таквото нешто служеше како директен урнек за надградба и усовршување на формулата која ја видовме со Dishonored. Во 2012-та година, Dishonored го освои светот со оригиналната приказна, дизајн и гејмплеј и ги постави Arkane Studios како едни од најдобрите развивачи на игри, до таа мерка, да Bethesda реши да им дозволи да работат на продолжеток на саканата и неколку пати одложуваната игра – Prey. На прв поглед, би можеле да помислите дека за толку години развојното студио би требало да има повеќе игри и можеби би биле во право. Она што малку знаат е дека Arkane Studios работеше и на мрежниот дел за Call of Duty: World at War, iOS играта KarmaStar, а и асистираше во изработка на анимации и дизајнот на нивоата за BioShock 2. Студиото работеше и на Half-Life 2: Episode 4 / Return to Ravenholm, но сите (не)знаеме каква е иднината на овој серијал. За жал, Arkane Studios макотрпно работеше и на акционата игра LMNO, како и на FPS играта The Crossing, но и овие две игри беа откажани од тогашните издавачи.
Што вели светот за Dishonored 2?
Со највисоката оценка од 100 поени, PCGamesN ја нарекуваат Dishonored 2 чудо од игра и магнет за привлекување позитивни придавки, како и урнек за сите идни игри со прикрадување. PC Gamer ѝ дава 93 поени и вели дека е подеднакво добра како и претходникот, а на моменти и подобра. Со ист број поени, IGN признава дека иако би сакале поголема оригиналност од приказната, најголемата моќ во Dishonored 2 лежи во приказните кои самите ние ги креираме (преку гејмплејот). Trusted Reviews доделуваат 90 поени и ја издигнуваат Dishonored 2 како имерзивна RPG игра која наградува истражување, експериментирање и преигрување, а PC Games (81) не можат да се изначудат на генијалноста на прикрадувачкиот систем како и на супер моќите.
Со 60 поени, Washington Post искажаа незадоволство од продолжетокот и дека играта се држи премногу блиску до урнекот воспоставен со првата игра; конечниот резултат не е задоволителен за рецензентот. PC Invasion го даваат истиот број поени, но само поради техничкиот хаос во кој се наоѓа PC верзијата.
PC верзијата за Dishonored 2 има значителни проблеми и е буквален хаос од лоши перформанси и ниски фрејм рејтови. Arkane Studios се изјаснија дека се свесни за проблемите кај повеќето гејмери и дека макотрпно работат на исправките. Ова, за жал, не ги спречи играчите најстрого да ја оценат техничката неспособност на играта и она што ќе најдете на Metacritic се 150 позитивни кориснички рецензии, а 106 негативни. Ситуацијата на Steam е подеднакво загрижувачка и од 4700 рецензии, само 58% се позитивни.
Што велиме ние?
Dishonored 2 е феноменално гејмерско остварување и е сериозен натпреварувач за игра на годината, но, како што болни луѓе не можат да уживаат во златни палати, така и многу PC гејмери не можат да си дозволат да бидат импресионирани од чудо кое е задушено од технолошката неспособност на енџинот. Оние кои не се засегнати од катастрофално лошата оптимизација, меѓутоа, се оставени со наслов кој ја надминува креативната визија на првата игра и зрачи со потенцијали за исполнително истражување во еден од најоригиналните светови на кои имаме наидено.
Што велите вие?
Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!
- Развивач: Arkane Studios
- Издавач: Bethesda Softworks
- Режисери: Рафаел Колантори, Харви Смит
- Дизајнер: Јоаким Давио, Кристоф Керир, Динга Бакаба
- Писатели: Остин Кросман, Тери Бросиус, Сачка Дувал
- Композитор: Даниел Лихт
- Серијал: Dishonored
- Енџин: Void
- Платформи: Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One
- Излезена на: 11 ноември 2016
- Жанр: Акциона авантура во прво лице
- Режими на игра: едно лице