Програмери, дизајнери, аниматори, цртачи, музичари, и што сè не, подгответе се за уште еден Global Game Jam. Настанот со кој некако и забрза развојот на видеоигри во Македонија според досегашните најави ќе се одржи во Скопје, Битола и Охрид. Oва година се одржува од 31 јануари до 2 февруари, a oфицијалното пријавување е веќе отворено за локацијата во Скопје. Веројатно наскоро ќе бидат отворени пријавите и за другите локации, а вестите ќе бидат споделени на веб-страницата и на facebook-страниците на МАГДА.
Global Game Jam е најголем светски настан за креирање на игри. Global Game Jam се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон. Во Македонија настанот е во организација на МАГДА и се одржува од 2013 година. Досега учествуваа речиси 1700 професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. На Global Game Jam Македонија досега се создадени 162 видеоигри.
Во меѓувреме ако не може да издржите до 31 јануари, веќе е отворен натпреварот за избор на постер за Global Game Jam 2020, повеќе информации за настанот има на facebook страницата на МАГДА, а еве и неколку постери кои се пријавени досега.