Не толку одамна Sony го најави новиот сет за виртуелна реалност наменет за PlayStation 5. За овој сет за жал ќе треба да почекаме барем уште една година, но има куп други очила за виртуелна реалност кои се веќе достапни. Од Oculus Rift до HTC Vive гејмерите имаат избор на очила и контролери кои можат да ги користат за да „нурнат“ во светот на видеоигрите“.
Што е виртуелна реалност
Виртуелна реалност е симулација која треба да овозможи слично или потполно различно искуство од реалниот свет. Најчесто за креирање на оваа симулирана околина се користат компјутери. Денес најлесно и најчесто препознатливи се уредите за виртуелна реалност кои се своевидни очила. За разлика од традиционалните видеоигри или филмови целта на виртуелната реалност е да го постави гледачот директно во искуството.
Дали знаете од кога е идејата за вакви уреди за виртуелна реалност? Иако самите уреди не се креирани премногу одамна, идејата е многу постара.
Pygmalion’s Spectacles
За првпат виртуелна реалност без користење на овој термин е претставена во фантастичната приказна Pygmalion’s Spectacles. Автор на книгата е Стенли Г. Вајнбаум, а книгата е издадена 1935 година.
Во приказната еден професорот Алберт Лудвиг креирал очила кои овозможуваат многу повеќе од вид.
Слушај! Јас сум Алберт Лудвиг – професор Лудвиг. Ден остана тивок, а тој продолжи. Ех, моето име не ти значи ништо? Но слушај – филм што има слики и звук. Замисли дека ќе додадам и вкус, мирис, па дури и допир, дека приказната ти е интересна. Замисли дека ти си во приказната, зборуваш со сенките, и сенките одговараат, и наместо на екран приказната е околу тебе, и ти си во приказната. Дали ова би го направило сонот реалност?
Интересно иако приказната е напишана многу одамна, замислениот уред е понапреден од она што може да го видиме денес.
Стереопсис – 1838
Ефектите на кои се засноваат и сегашните уреди за виртуелна реалност се дури откриени пред да биде напишана Pygmalion’s Spectacles. Во 1838 година Сер Чарлс Витстон за првпат го објаснил видот и креирал стереоскоп. Стереоскоп е едноставен уред за гледање кој на корисникот му презентираат одделни слики на секое око. Пред секое око има леќа која ја зголемува сликата и објектот изгледа поголем отколку што е на сликата.
Сликите се така креирани да овозможуваат гледачот да добие впечаток дека гледа 3д-објект.
By User Davepape on en.wikipedia – Photo by Davepape, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=961098
Сепак за првиот уред кој ќе овозможува нешто што наликува на денешната виртуелна реалност треба да стигнеме до 1956 година и Сензорама, првата вистинска машина за виртуелна реалност.
Сензорама – 1957
Сензорама е огромен уред за забава со многу различни технологии за креирање на веродостојно искуство. Во исто време Сензорама можеле да го користат најмногу 4 гледачи, а покрај 3Д-екран и звук, имало и вибрации, мирис и технологија која овозможувала ефекти како ветер. Специјално за уредот биле креирано и 6 куси филмови.
Уредот е креиран и претставен прв пат во 1957, но официјално е патентиран 1962 година. Целта на неговиот креатор Мортон Хеилинг била да креира кино на иднината, и да им овозможи на гледачите искуство како да се присутни во филмот.
The Sword of Damocles -1968
The Sword of Damocles е првиот уред за виртуелна реалност кој наликува на денешните уреди. За првпат наместо фиксен голем екран, екранот беше пред очите на гледачот. Автор на уредот е професорот Иван Сатерленд и неговите студенти Боб Спроул, Квентин Фостер и Дени Кохер.
Иако ова е првиот функционален уред кој се поставува на главата тешко дека некој би го нарекол преносен. „Очилата“ се тешки, едвај се насочуваат, а формите кои може да ги прикажат се едноставни. Иако приказот кој успеале да го остварат на крајот е супер едноставен, визијата на г. Сатерленд е далеку пред времето и неговата идеја за дисплеј не е остварена до денес.
Најдобриот дисплеј секако ќе биде соба во која компјутерот ќе може да управува со постоењето на материјата. Столица која постои во оваа соба ќе биде доволно добра да може да се седи во нејзе. Лисиците за раце во оваа собра ќе го ограничат движењето, куршумот во оваа соба ќе биде фатален. Со соодветно програмирање овој дисплеј би бил буквално „Светот на чудата“ во кој влезе Алиса, вели г. Сатерленд.
Aspen Movie Map – 1977
Во 1977 Универзитетот MIT претстави интерактивна мапа на градот Аспен во Колорадо. Корисниците на системот можеа да отидат на виртуелно разгледување на градот. Целото искуство наликува на полоша верзија на денешниот Google Street View. Дури и начинот на кој е креирано целото видео наликува на Street View; фотографиите се направени од возило вкое поминува низ Аспен.
Aspen Movie Map всушност не е уред за виртуелна реалност. Станува збор за софтвер кој е првиот хипермедијален систем кој овозможува корисникот да разгледува и да управува со видното поле.
VPL Research – 1985
Во 1984 Џерон Лание основа една од првите компании кои развиваа и продаваа уреди за виртуелна реалност. VPL Research претстави ракавици како контролер за виртуелна реалност и сет очила за виртуелна реалност. Покрај ова претставија и целосно одело за виртуелна реалност. Трите уреди кои ги претстави компанијата се EyePhone, очила за виртуелна реалност; TheDataGlove, замислени како контролер за компјутери, но подоцна се префлија на системи за виртуелна реалност; TheDataSuit, целосно одело со сензори кои го регистрираат движењето на корисникот.
Virtuality – 1991
На почетокот на 90-ите се појавија и првите аркадни машини за забава. Со помош на овие машини играчите можеа заедно да играат во виртуелниот свет. Во 94 година SEGA го претстави SEGA VR-1 виртуелна аркадна машина со симулатор на движење. Претходно компанијата се обиде со сет очила SEGA VR, но овој уред иако имаше 4 издадени игри никогаш не излезе во продажба.
Oculus Rift – 2012
По повеќе различни технологии кои не сосем успешно ги претставија можностите, Палмер Лаки на Kickstarter започна кампања за нов современ сет за виртуелна реалност. Кампањата заврши успешно и беа собрани 2,4 милиони долари за развој, производство и испорака на Oculus Rift.
Овој пат сетот беше полесен и освен во тој период моќен компјутер за работа не требаше потребно ништо друго. Интересот на корисниците и напредокот на технологија предизвика многу компании и самите да започнат со развој на сопствени уреди и контролери за виртуелна реалност.
Неколку години подоцна на разочарување на дел од првите поддржувачи Facebook го купи Oculus.
Valve во соработка со HTC го претстави ултра моќниот Vive, Samsung го претстави Samsung VR, Google имаше супер евтин Google Cardboard модел на виртуелна реалност, Microsoft го претстави HoloLens, a Sony за потребите на PlayStation го претстави PlayStation VR.
За жал 10 години по излегување на овие посовремени сетови за виртуелна реалност сè уште нема доволно причини за широко распространување. Бројот на игри и натаму е ограничен, а сетовите се прескапи. Единствено што се промени е што новите компјутери и графички картички се доволно моќни, па не треба супер моќна и скапа машина. За посериозно прифаќање ќе биде потребно повеќе содржина и нешто пониска цена.