Што би направиле ако имате контрола врз разни уреди само со вашиот ум? Прашањево можеби е наменето за суперхерој од стрип, иако во реалноста постои експеримент кој дозволува контрола на беспилотни летала со мозочни бранови. Идејата зад технологијата на компанијата Tekever од Лисабон, е на луѓето кои имаат проблем со движењето да можат да управуваат со беспилотните летала, барем за кратко време. Сепак извори на BBC велат дека индустријата нема да ја прифати технологијата поради можната опасност и небезбедност.
За управување на леталата со EEG потребно е нивните пилоти да поминат подолг период во тренирање, при што ќе го навикнат мозокот на да издава команди преку софтверот на леталото. Командите се даваат преку „размислувње“ за поместување на црвениот круг на екранот, а понатаму софтверот ова го прилагодува на команди до леталото.
„Веруваме дека луѓето ќе можат да управуваат со летала како што ги прават секојдневните активности, одење или трчање. Убедени сме дека Brainflight е почеток на огромен прв чекор во полето на авијацијата, која ќе им даде поголема контрола на пилотите и ќе го намали ризикот на мисиите“, вели Рикардо Мендес од Tekever.
Технологијата во иднина би можела да се искористи и за управување со поголеми или патнички воздухоплови, но барем за сега од Tekever велат дека ова е предалеку.







