Последиците од пандемијата се чувствуваат и понатаму, но светот полека се враќа во нормала. Компаниите кои своите вработени ги советуваа да работат од дома сега претпазливо им овозможуваат да се вратат назад на работа. Google е една од првите компании кои се прилагодија на новата реалност, а сега се подготвени за враќање назад.
Планот на Google за враќање во канцеларија е хибриден и подразбира работа и од канцеларија и од дома. Вработените ќе работат три дена од канцеларија, а два дена ќе можат да работат од локација од која се најпродуктивни.
Откако Google им овозможил на на вработените да работат од канцелариите, дури 60 отсто од луѓето ја искористиле оваа можност.
„Повеќе од 20 години нашите вработени доаѓаат во канцелариите да решат интересни проблеми, на кафе, околу табла за цртање, па дури и на натпревар во одбојка на плажа или крикет. Нашите кампуси се срцето на Google заедницата и најголем дел од вработените сè уште сакаат да бидат во кампусот барем дел од времето. Сепак дел од нас сака да продолжи со флексибилноста која ја нуди работата од дома неколку дена во неделата, да помине време во некој друг град дел од годината, па дури и да се пресели. Иднината на работата во Google ќе ги нуди овие можности“, вели Сундер Пичај во имејл до вработените.
Покрај можноста за работа од дома вработените од Google ќе можат и да се селат наоколу. Од средина на следниот месец компанијата ќе им понуди можност на сите да променат и да работат од различна локација. Дополнително вработените во период од една година ќе можат 4 недели да работат во сосем различна канцеларија од онаа која им е доделена. Сè ова сепак ќе биде во зависност од приликите и потребите на тимовите.