Технологијата и сервисите кои се поврзани на интернет се сè помногубројни. Од комуникациите до транспортот и производството на енергија, денес сѐ е поврзано на интернет. Безбедносните агенции и безбедносните експерти мора да бидат внимателни, да ги чуваат своите сервиси од интернет напад.
Една од работите кои ќе бидат променети во случај на сајбер напад се комуникациите. Апликациите кои сите ги користиме, како електронската пошта ќе мора да бидат „паузирани“. Вообичаените комуникации ќе мора да се вратат на телефон. Тимовите кои се организираат преку сервиси како Slack ќе бидат најпогодени од нападите.
Снабдувањето со електрична енергија и вода се надгледува и управува преку интернет. Прекините во интернет конекцијата нема да бидат толкав проблем бидејќи овие системи имаат можност за офлајн работа, но евентуален напад врз системите би можел да предизвика сериозен проблем. За среќа, управувањето на нуклеарните електрани е на изолирани мрежи, па овие системи се безбедни.
Финансискиот сектор и берзите користат интернет и за размена на податоци и за алгоритми кои во последно време сѐ повеќе тргуваат. Падот на интернет би бил сериозна опасност и за светските економии.
Ова се само дел од причините поради кои најголем дел од државите имаат единици во армијата кои во случај на војна се задолжени за сајбер напади, но поважно за сајбер одбрана.
Сепак дури и во случај на мир овие единици се активни. Вестите за активности на сајбер напаѓачи кои ги мапираат системите изгледаат безопасно денес, но во случај на војна ќе ги согледаме вистинските последици. Системите кои се мапирани и кои се инфицирани ќе бидат лесни мети во овие случаи и веднаш ќе „паднат“. Може да се потсетите на исклучувањето на електричната енергија и прекините во комуникации при руската инвазија во Украина.







