Минатиот викенд GW2 играчите ја имаа можноста бесплатно да проверат дел од првата мапа и да го јаваат првото од петте планирани животни. Како втора експанзија за Guild Wars 2, Path of Fire планира да ја продолжи приказната од последната трета сезона и тоа на најголемите пет мапи кои се направени до сега. Покрај ова, проширувањето ќе ви дозволи да се подновите со целосно нови сетови од изгледи за оружја и оклопи, предизвикувачки настани за групна соработка и нов дом за вашиот гилд. Најдоброто од сево ова е тоа што секоја од професиите добива по една нова елитна специјализација. Во продолжетокот, ви ги претставуваме сите специјализации кои би можеле да го разубават вашиот престој во кристалната пустина, а и подалеку.
Weaver (Elementalist)
Елитната специјализација Weaver се одликува со можноста за управување со два елементи од еднаш и нивна комбинација во деструктивен хибрид од невидена моќ. Новото оружје за оваа професија е мечот, а е наменет за блиска борба.
Holosmith (Engineer)
Надградените инженери можат да ја проектираат моќта на светлината во делумно-цврста форма. Нивното изборно оружје, како со Weaver, е мечот, а секоја од новите вештини ослободува топлина која дополнително ги оштетува непријателите. Кога таквото нешто ќе дојде до точка на ескалација, насобраната топлотна енергија ги завршува битките на драматичнo-епски ноти.
Firebrand (Guardian)
Со секири, магични томови и мантри, новата елитна специјализација на чуварите се поставува не само како вистински предизвик за непријателите, туку и како одличен сојузник за вашите пријатели. Групите кои имаат потреба од константно лечењето за време на најпредизвикувачките битки позитивно ќе можат да воздивнат секојпат кога ќе се појави Firebrand на борбеното поле.
Mirage (Mesmer)
Ваквите месмери користат секири за создавање чувствителни објекти кои експлодираат кога ќе се помине низ нив. Ткаење специјализирани наметки дополнително помагаат во мисијата за ефикасно избегнување на непријателските напади, а останатиот арсенал од способности само го утемелува севкупниот впечаток на убиствена илузија.
Scourge (Necromancer)
Преку користење факели, Scourge создава нови песочни суштества и ја корумпираат земјата под непријателските нозе. Вака-создадените слабости лесно можат да бидат експлоатирани од вашите останати миленичиња на ноќта.
Soulbeast (Ranger)
Со оваа експанзија, ренџерите духовно ќе се поврзуваат со нивните миленичиња за да добијат уште поуникатни способности. Ножот дополнително се истакнува како одличната алатка за жестоки блиски пресметки, а петте нови миленичиња, кои само вие ќе можете да ги скротите, значително ќе ви ги олеснат авантурите во непознатото.
Renegade (Revenant)
Професијата која беше воведена во првата експанзија, овој пат ќе може да користи лак и стрела. Воден од легендарниот чар воин Кала Скорџрејзр, дел од способностите ќе ги користите за повикување воини од маглата, но и да им помагате на сојузниците со силни охрабрувања.
Deadeye (Thief)
По долго барање на фановите, крадецот конечно ќе може да заземе снајперска улога и да користи пушка. Ваквата огнена моќ ќе биде маестрално надополнета со храброто истражување на новите магии од сенките.
Spellbreaker (Warrior)
Воинот, овој пат, ќе може да користи ножеви и медитација за да ги пронајде слабите точки на непријателите, да го апсорбира нападот и да ослободи моќен контра напад врз сите непријатели кои се доволно несреќни да се најдат во непосредна близина.
Која елитна професија највеќе ви се допаѓа? ArenaNet тврдат дека сите елитни специјализации се посебни до таа мера да повеќе потсетуваат на целосно нови професии. За тоа дали се во право, ќе можете бесплатно и самите да се уверите овој викенд, од 18 до 20 август, преку Player vs. Player или преку World vs. World режимот на игра.
Guild Wars 2: Path of Fire излегува на 22.септември.