Сите им имаме отстапено дел од личните податоци на некои од онлајн сервисите, но што ќе се случи доколку некој од овие сервиси банкротира, се спои со некоја компанија или биде купен од друга? Одговорот ќе ве направи параноични.
Дури 85 од 99 правила за користење на онлајн сервиси, пишува New York Times, велат дека вашите податоци ќе бидат префрлени на новиот сопственик. Дел од сервисите велат дека податоците можат да бидат префрлени и при продажба на само дел од компанијата. Иако банкротот или продажбата на Amazon, Facebook, Apple или Google изгледа неверојатен, сепак секоја од компаниите ја има оваа можност вметнатно во своите правила за користење.
Не е тајна дека токму „телефонскиот именик“ составен од 400 милиони корисници е причината заради која Facebook одвои над 19 милијарди долари за WhatsApp. Интеграцијата на овие податоци можат да ја забележат и корисниците кои приметуваат дека контактите од телефонскиот именик, друштвената мрежа им ги препорачува за Facebook пријатели. Ниеден од корисниците на WhatsApp пред аквизицијата не се согласил на ова. Сега во сопственост на Facebook се следниве податоци на корисниците на WhatsApp: телефонскиот број, податоците од платежните картички, броевите на останатите корисници од телефонскиот именик, IP-адреси и јаикот на прелистувач кој го користат.
Иако ова можеби и не е толкав проблем кога две компании имаат слични правила за користење на податоците, што станува кога едната од компаниите има речиси потполно различен бизнис модел. Пред аквизицијата од Google, производителот на паметениот термостат, Nest, ги користеше податоците за да ја персонализира и оптимизира работата на својот уред. Google и Nest различно гледаат на податоците на корисниците и различно ги користат, и затоа сите кои се сложиле со правилата за користење на Nest, не се сложиле и со правилата за користење на Google. Компанијата најави дека нема да има промени, но речиси без сомневање со текот на времето границите ќе избледат, а податоците ќе бидат во сопственост на Google. На листата на приватни податоци кои Nест ги собираше од корисниците се: имејл адреса, име на корисникот, податоци за платежни картички и адреса, иако целокупните податоци од картичката не се кај Nest туку кај нивниот партнер CyberSource, IP-адреса на кој е поврзан термостатот и од која пристапува корисникот до сервисот и куп податоци за промена на температурата.
Сепак податоците кои ги прибираат WhatsApp и Nest се минијатурни во споредба со податоците кои ги собира најголемата социјална мрежа. Име на корисник, имејл адреса, дата на раѓање, детали за статуси, пораки и фотографии, податоци за содржините кои корисникот ги разгледува и времетраење, пораки и фотографии кои останати корисници ги споделуваат за кориникот, IP-адреси и мрежи од кои корисникот пристапува и начин на нивно користење, податоци за исплати, телефонски број, информации за уредите кои ги користи за пристап до сервисот, детали за апликации од трети девелопери кои корисникот ги користи. Без разлика колку неверојатно звучи можната продажба на Facebook, доколку некогаш најголемата друштвена мрежа биде продадена на пазарот и податоците на корисниците ќе бидат продадени заедно со неа.