Kentum претставува амбициозен обид да се спојат жанровите на: преживување, изработка, автоматизација и метроидванија истражување, сето ова, уредно спакувано во едно кохезивно дводимензионално искуство, сместено во далечната иднина на Земјата. Во 10.000-тата година, вие ја преземате улогата на Кент, навидум просечен човек кој, преку сплет на околности што вклучуваат клонирање и хибернација од неколку милениуми, се буди во свет кој е драстично променет и непрепознатлив. Придружувани од вашиот ексцентричен роботски сопатник, се соочувате со монументалната задача каде трева да преживеете во нова, често непријателска средина, поставувајќи, притоа, темели за обнова на цивилизацијата.

Приказната во Kentum се одвива преку интеракциите помеѓу Кент и неговиот роботски помошник, откривајќи детали за минатото на човештвото и причините за падот, додека истовремено се фокусира на непосредните предизвици на сегашноста. Наративот е проткаен со хумор, често сув и саркастичен, со квалитетна глума која одлично го доловува универзумот. Светот на Kentum е претставен преку живописен уметнички стил кој успешно ја доловува убавината и опасноста на пост-апокалиптичната Земја, од бујни џунгли што ги презеле некогашните градови до пусти урнатини кои сведочат за дамнешни времиња.

Kentum се одликува со квалитетни системи за преживување и крафтинг. Уште на самиот старт започнувате со минимални ресурси и мора брзо да научите како да ја искористите околината во ваше полза. Собирањето основни материјали како дрво и камен е само почеток; играта брзо воведува посложени рецепти и технологии кои овозможуваат трансформација на суровините во корисни алатки и градежни материјали. Системот за изработка е длабок и наградува експериментирање, охрабрувајќи ве да откривате нови комбинации и поефикасни начини за производство.
Паралелно со ова, мора да водите сметка за основните потреби на Кент, како што се гладот и здравјето. Ловот и собирањето храна се од суштинско значење во раните фази, но како што напредува играта, фокусот се префрла кон поодржливи решенија како земјоделство и одгледување животни во специјализирани вивариуми. Готвењето исто така игра важна улога, овозможувајќи подготовка на похранливи оброци кои даваат различни бонуси. Смртта дефинитивно не е конечна но сепак претставува значајна пречка, губејќи ви ем време ем ресурси.

Како што напредувате, фокусот постепено се префрла од чисто преживување кон автоматизација и проширување на базата. Почетното засолниште полека се трансформира во комплексен индустриски комплекс, способен за масовно производство на ресурси и напредни технологии. Системот за автоматизација овозможува креирање на сложени производни линии, каде што машините меѓусебно комуницираат за да ги обработуваат материјалите без ваша директна интервенција. На овој начин, драгоценото време го користите за истражување на светот, кој, како што напоменавме, е дизајниран во стилот на метроидванија.
Новите алатки и способности, како што се лебдечката даска, змејот за летање и куката за качување, отвораат претходно недостапни области и овозможуваат побрзо и поефикасно движење низ теренот. Истражувањето ви дозволува да пронаоѓате нови ресурси, а и да откривате бројни тајни, да класифицирате непознатата флора и фауна и да пробате да ги разберете еколошките промени што се случиле во текот на милениумите. Секоја нова област носи свои предизвици, од опасни предатори до екстремни временски услови, барајќи од вас константно да се прилагодувате и да ги користите вашите стекнати знаења и опрема на различни начини.

Kentum успева да понуди задоволително и комплексно искуство кое ги комбинира најдобрите елементи од повеќе жанрови. Иако почетната крива на учење може да биде стрмна за некои играчи поради бројните системи и механики што треба да се совладаат, наградата за вашето трпение и стратешко размислување е огромна. Балансот помеѓу потребата за одржување на базата и желбата за истражување на непознатото создава постојана тензија, а визуелниот стил и звучниот дизајн придонесуваат за пријатна атмосферата, додека хуморот и квалитетната гласовна глума, пак, даваат посебен шарм на наративот. За љубителите на игри со изработка, автоматизација и истражување, Kentum нуди длабок и наградувачки свет за откривање, каде што успехот е резултат на планирање, труд и, секако, малку среќа.








