Правилата кои важат за Facebook и Google наскоро би можеле да важат и за интерент провајдерите. Федералната комисија за комуникација на САД предлага построги правила за провајдерите отколку за компаниите кои ги прибираат податоците од корисниците. Веста и што ќе излезе од неа е доста значајна за целиот свет и телеком операторите, бидејќи САД е тој што обично ги поставува правилата околу што е дозволено а што не во поглед на телекомуникациите.
Провајдерите сега ќе мора да добијат дозвола од корисниците пред да споделуваат лични податоци со рекламни агенции. Правилата за провајдерите ги регулира Федералната комисија за комуникации, а правилата за сервисите Федералната агенција за трговија, јави ArsTechnica.
Причина за построгите правила за користење е што провајдерите собираат податоци за корисниците секој пат кога се онлајн. Знаат се за навиките на корисниците онлајн, кои веб-страници ги посетуваме, што гледаме, кои апликации сме ги преземале и ги користиме.
Податоците како: геолокација, податоци од и за деца, здравствени податоци, финансиски податоци, матични броеви, посетени страници, користени апликации и содржина на комуникации; нема да смеат да се споделат без потврда од корисниците.
Комисијата ќе им дозволи на провајдерите да им наплаќаат повеќе на корисниците кои сакаат поголема приватност и не ги споделуваат податоците – што претставува доста интересна опција.
Новите правила предвидуваат дека:
- Провајдерот ќе го извести корисникот за податоците кои ги собира.
- Ако провајдерот споделува анонимизирани податоци тие не смеат да доведат до препознавање на корисник.
- Ако има сајбер упад провајдерот мора најдоцна за 30 дена да го извести корисникот.
Предвидувањата се дека комисијата ќе го изгласа предлогот со 3 гласа „за“ наспроти 2 гласа „против“.