Оваа недела се одржува најголемата годишна конференција на Google – Google I/O. Компанијата традиционално на овој настан ги преставува Pixel уредите, различна технологија и сервиси кои ќе се користат во иднина. Оваа година изгледа ќе биде поинаква. Секако очекуваме нов хардвер, но фокусот на Google I/O на 10-ти мај би можела да биде вештачката интелигенција. Компанијата планира да ги најави PaLM 2 и нови надградби на Bard и пребарувачот.
Google на утрешната конференција ќе го претстави PaLM 2 кој според најавата ќе биде достапен на 100 јазици. Кодното име кое компанијата интерно го користи за PaLM 2 е „Unified Language Model“. Вештачката интелигенција е способна и за пишување код и за решавање тестови по математика, но и за пишување и анализа, пренесе CNBC.
Ова е прв пат компанијата да има конкуренција која е барем подеднакво квалитетна во делот на вештачката интелигенција за време на Google I/O. Вообичаено можевме да видиме некои функционалности кои ни изгледаа неверојатни, или фотографии со вештачка интелигенција со кои Pixel беше подобар од сите конкуренти. Оваа година за прв пат Google не само што има конкуренција, туку се чини дека Open AI, барем во моментов е пред нив.
Предноста која ја изгради Open AI со ChatGPT е поголема закана за Google отколку единствено вештачка интелигенција. Google со години е најпопуларниот пребарувач, но во последниве неколку месеци дел од медиумите и експертите започнаа да му пишуваат „ептаф“. Главна причина за ова е интеграцијата на ChatGPT во пребарувачот Bing, но и директно во прелистувачот на Microsoft – Edge.
Колку новите верзии на вештачката интелигенција ќе помогнат Google да се задржи на првото место, ќе видиме во иднина.
Накратко за PaLM
Google го претстави Pathways Language Model (PaLM) минатата година во април. Во тој период ова беше најголема употреба на Pathway системот трениран на 6144 чипови – најголем Tensor Processing Unit (TPU) систем.
PaLM е флексибилен систем кој овозможува различно генерирање на текст и задачи за уредување. Во зависност од тренингот може да биде четбот како ChatGPT, или да креира сумарни извештаи, па и да пишува код.
Оваа година Google претстави API заедно со деловни алатки кои ќе им помогнат на корисниците да генерираат текст, слики, код, видео, аудио од текстуално барање (prompt).
Во април Google објави дека медицинскиот модел на PaLM, Med-PaLM 2 на прашањата од медицинскиот испит на експертско ниво одговора со 85% точност.
Што друго може да очекуваме на Google I/O
Покрај вештачката интелигенција, на Google I/O секако може да очекуваме и хардвер. Веќе протекоа вести за излегување на Pixel телефоните, кои оваа година се „засилени“ со Pixel Fold. Најава има и за Pixel таблет компјутер.
Настанот може да го гледате во живо на видеото подолу, или ако сакате може да одите на YouTube каналот на Google.