За време на владеењето на пандемијата, COVID-19 за најголем дел од компаниите и сервисите во ИТ индустријата претставува сериозен предизвик, но за онлајн платформата Zoom седењето дома значеше зголемување на бројот бројот на корисници кои секојдневно ја користат платформата, како и корисници кои го купуваат премиум планот со што ја зголемија и вредноста на компанијата. Вредноста на Zoom во последниот период се удвои. Акциите под симболот ZM на њујоршката берза NASDAQ на почетокот на 2020 беа 68 USD долари, додека со затворањето на берзата вчера (1 април) една акција на Zoom се тргува за 128,20 американски долари. Вниманието кон платформата несомнено и донесе и непосакувани предизвици, се покренаа сериозни прашања за онлајн безбедноста и енкрипцијата која (не) ја користи Zoom, но сето тоа се уште нема премногу влијание на вредноста на акциите.

Почетоците на Zoom Inc.
Zoom е онлајн платформа која овозможува услуги за видеоконференција, онлајн состаноци и чет. Клучни услуги на компанијата се:
- Zoom Meetings
- Zoom Premium Audio
- Zoom Business IM
- Zoom Video Webinar
- Zoom Rooms
- Zoom H.323/SIP Connector
- Zoom Developer Platform

Без сомневање најголемата популарност сервисот ја доживува во моментов кога е користен од страна на голем број на компании и професионалци, па се до образовни институции. Но компанијата е основана пред речиси 10 години, во 2011 година, од страна на Ерик Јуан, тогашен инженер во Cisco, чие богатство во моментот се проценува на 5.6 милијарди US долари – зголемено за околу 2 милијарди “благодарение” на COVID-19 и пандемијата.
Ерик Јуан е роден во провинцијата Шандонг, Кина. Дипломски магистерски студии завршил на Универзитетот Шандонг, а во САД се преселил во 1990 година откако претходно неговата апликација за виза ја одбиле 8 пати. Идејата зад Zoom всушност е одбивањето на г. Јуан да патува и неговата омраза кон патувањето уште како тинејџер.
Прв пат го замислив Zoom додека бев бруцош на колеџ во Кина и редовно со воз патував по десет часа за да ја посетам мојата девојка (која сега е моја сопруга). Го мразев ова возење и замислував други начин на кој можам да ја посетам мојата девојка без да патувам – овие фантазии на крајот станаа основа за Zoom“, вели Јуан.
Она што е интересно е дека како и основачот на Amazon, Џеф Безос, и Јуан е дел од целиот процес во компанијата. Јуан им одговора на мејловите на корисниците, што секако е реткост за директор на компанија. Ова било и причина за дел од корисниците да го обвинат дека користи автомат за одговор на поштата.
“Еден клиент во одговор на мојата порака ме обвини дека испраќам автоматски генерирана пошта „имитирајќи“ го извршниот директор – рече дека Zoom е нечесна компанија! Му напишав дека мејлот е навистина од мене и дека не е генерирана од нашите алатки за маркетинг. Тој сè уште не веруваше, повторно му одговорив и понудив да се сретнам со него во Zoom во истата минута за да му докажам дека навистина јас ги пишував пораките. Овој повик не се случи, но престана да го обвинува Zoom за нечесност..” – ја споделува анегдотата CEO-то на Zoom.
Во периодот по основањето започна и растот на бројот на корисници, но и на партнери на Zoom. Во мај 2013 компанијата ги имаше првите милион корисници, веќе една година подоцна во јуни 2014 стигнаа до 10 милиони, а во февруари следната година стигнаа до 40 милиони индивидуални корисници и 65 000 организации.
Zoom се здоби со статус на „еднорог“ (стартапи со вредност од 1 милијарда долари) на почетокот на 2017 година. Во овој период веќе имаа инвестиции во вредност од над 145 милиони американски долари. Две години подоцна во 2019 Zoom котираше на берза, а на 18 април 2019 започна тргувањето со акциите на компанија и веднаш пораснаа 72 отсто. Компанијата од своето постоење има хостирано на 1 милијарда минути видео повици.
Zoom Inc. во моментот вработува над 2,000 луѓе ширум светот и е базирана во Сан Хозе, Калифорнија.
COVID-19 и Zoom
Zoom својот раст во последен период го има благодарение на состојбата во светот и епидемијата на ковид-19. Компанијата во екот на пандемијата (од почетокот на 2020) доби над 2.22 милиони нови корисници, што е повеќе корисници отколку што компанијата има добиено во целата претходна година, 2019.
Покрај вообичаените корисници едукација, часови по јога, романтични средби и средби со пријателите се префрлија на Zoom кој нуди можности за продолжување на работа и комуникација и во овие отежнати услови. Откако админстрацијата на Трамп воведе олеснувања на политиките за користење на здравствено осигурување при телемедицина (извршување на консултативни прегледи преку аудио или видео повик) како и препораките за самоизолација, еден од позначајните сегменти чиј пораст е забележителен на Zoom, се претплатниците од здравството – докторите кои особено сега започнаа да ја користат платформата за телемедицина.

Дел од милионите нови корисници се и образовните институции ширум светот, на кои Zoom за време на пандемијата бесплатно им ја остапува својата платформа,
Критики за безбедноста
Покрај вртоглавиот раст Zoom во последниве неколку недели на вестите е поприсутен со безбедности проблеми и проблеми со нарушување на приватноста. Дел од практиките дури добија и свое име „Zoombombing“.
Софтверот нема end-to-end енкрипција, со што се овозможува компанијата и вработените во Zoom да можат да ги гледаат и слушаат разговорите. Еден од најголемите недостатоци на апликацијата по приватноста на корисниците е можноста да следи кога некој од учесниците во разговорот кликнал надвор од главниот Zoom прозорец. Претходно на апликацијата беа забележани и други пропусти како опасност од преземање на разговор од страна на напаѓач, отстранување на членови од групите, следење на содежината на екраните, испраќање на лажни пораки.
Дел од критиките не се нови, на средина од минатата година Џонатан Литшах предупреди дека безбедносен пропуст во Zoom му овозможува на напаѓач да започне видеоповик и да ја активира камерата и микрофонот ако корисникот има инсталирано Zoom.
Компанијата за да одговори на овие предизвици најави дека во следните 90 дена нема да развива дополнителна функционалност туку ќе работи на зголемување на безбедноста.
Но ова барем засега не е доволно за SpaceX и NASA. Компанијата и агенцијата им препорачаа на своите вработени да престанат да ја користат алатката и наместо ова да продолжат со електронска пошта и телефонски разговори.