Како сервер на Discord сподели доверливи податоци за воените капацитети на Украина

Discord е онлајн комуникациска платформа која овозможува текстуална, гласовна и видео комуникација помеѓу различни корисници. Платформата првенствено е дизајнирана за гејмери, но се користи од сите за комуникација во групни разговори. Discord е платформа која е бесплатна за користење и може да се користи од прелистувач, десктоп компјутер или мобилен уреди. Она што го разликува Discord од друштвени мрежи како Facebook или Twitter е што платформата е децентрализирана. Заедниците/групите се организирани во јавни или приватни сервери. Над 200 милиони корисници се приклучуваат на различни сервери и комуницираат помеѓу себе. Комуникацијата може да биде текст, глас или видео повик. Discord има многу дополнителни функции, како доделување на различни улоги за корисниците во серверите, креирање на канали, споделување на екран во живо, споделување на фајлови и многу други.

Најголем дел од каналите кои се креирани на Discord се фокусирани на некоја видеоигра, но свои канали имаат и Midjourney и OpenAI. Дури и ние отворивме Discord сервер пред некоја недела… Каналите за вештачка интелигенција се всушност најголемите негејмерски канали на платформата.

Она што веројатно никој не го очекуваше е дека најголемата платформа за комуникација помеѓу гејмери, ќе биде извор на најголемото протекување на тајни документи од Американската влада во скоро време. Документите беа објавени на почетокот на април, но споделувањето на строго доверливи документи започнало во декември 2022.

Кој ги објави тајните документи на Discord?

Документите во приватeн Discord сервер ги споделувал 21-годишниот Џек Тешеира, член на Националната гарда на Масачусетс. Серверот „Thug Shaker Central“ заедно со неколку истомисленици го креирал во 2020 година. Ги обединувал интересот за огнено оружје, воена опрема и Господ. Пристапот бил ограничен и во групата можело да се пристапи единствено со покана. На почетокот имале десетина членови, најголем дел од нив момчиња и мажи, а иште од почетокот Тешеира бил непрогласен лидер на групата, вели малолетен член на групата кој разговарал со Washington Post.

Најголем дел од времето, групата им била прибежиште на членовите во време на пандемијата. Тука споделувале мемиња, навредливи шеги, заедно гледале филмови, се шегувале, па дури и се молеле. Ова малку се променило на почетокот на оваа година, кога Тешеира кој на членовите на серверот им бил познат како OG, започнал да споделува државни тајни. Во почетокот правел транскрипција на цели документи и текстот го споделувал во групата. Членовите воопшто не сметале дека содржината која ја читаат е навистина строго доверлива. Всушност, најголем дел од членовите и не ја читале содржината. Во овој период на серверот имало околу 25 активни членови од Европа, Азија и Јужна Америка со пристап каналот.

Во објавите „OG“ пишувал дека документите му се од воената база во која работи. Во текот на работата, дел од времето го поминувал на безбедена локација, во која не смеел да го внесе ниту својот телефон или било каков електронски уред. Споделените документи доаѓале со целосно објаснување за дел од термините кои се користени.

Кон крајот на минатата година, изиритиран, OG испрати порака до сите членови на серверот. Трошеше речиси по еден час секојдневно пишувајќи ги овие долги и исцрпни објави во кои често додаваше белешки и објаснувања за работи што ние – обичните граѓани не би ги разбрале. Неговите „ученици“ беа позаинтересирани за видеа на YouTube за воена опрема. Беше изнервиран и неколкупати повтори, ако нема интеракции со објавите ќе престанам да ги објавувам.

Речиси во истиот период ја променил и тактиката. Наместо транскрипција, Тешеира започнал да споделува фотографии од оригиналните документи. Ова иако било побрзо, било и поопасно. Во позадина на фотографиите се гледале предмети и мебелот… Дури и за вака споделените документи најголем дел од членовите на серверот не верувале дека станува збор за вистински легитимни документи.

Што има во споделените документи?

Транскрибираните документи што ги објави Тешериа содржат повеќе чувствителни теми. Само луѓе кои биле подложени на повеќемесечни проверки требало да имаат овластување да ги видат. Има строго доверливи извештаи за движењето на високи политички лидери и тактичко ажурирање на воените сили. Геополитичка анализа. Увид во напорите на странските влади да се мешаат во изборите во САД. Сѐ што може да помислите, го имаше во документите, вели изворот на Washington Post.

Дел од документите содржат детален приказ на состојбата на фронтот во Украина; Сателитски слики од ракетните нападите врз енергетските постројки во Украина. На други документи се гледаат слики од кинеските шпионски балони одблиску или потенцијални траектории на нуклеарни ракети од Северна Кореја до САД.

Документите ја напуштиле приватната група

Цела зима Тешеира споделувал документи на серверот, и сите останале тајни. Ова траело до крајот на февруари, кога тинејџер за првпат ги објавил документите на друг сервер. Дел од овие документи имале податоци за одбранбените капацитети на Украина, а на нив можело да се види и колку длабоко САД може да „види“ во руската воена команда. И понатаму никој не верувал дека документите се вистинити.

„Никој не веруваше дека се вистински. Глупаво е да објавуваш владини документи да Discord, знаеш? Lucca (член на серверот и веројатно првиот кој ги објавил документите надвор од групата) велеше: Еј, дечки, погледнете ги овие смешни работи кои ги пронаоѓам на еден сервер. Испадна дека не е смешно како што мислевме“, вели „Краљ“, српски студент кој е модератор на еден од серверите во кој членува и Lucca.

Веќе за неколку дена, на 4-ти март, 10 документи биле објавени на „Minecraft Earth Map“ Discord серверот. Ова е попопуларен сервер со околу 8.500 члена, па тајните документи наеднаш им станале достапни на илјадници корисници.

Сепак официјални претставници на САД нема да дознаат за ова уште еден месец.  

Minecraft Earth Map – Извор: Bellingcat https://www.bellingcat.com/news/2023/04/09/from-discord-to-4chan-the-improbable-journey-of-a-us-defence-leak/

На 5-ти април, документите за состојбата во Украина се појавиле на Telegram и на 4chan. Дел од сликите биле со менувани бројки за жртвите за сликите да може да се користат за пропаганда. Дури по ова Пентагон ги забележал документите и започнал истрага.  Истрагата заврши со откривање и апсење на Тешеира. Федералното истражно биро со судски налог поднело барање за откривање на идентитетот на корисникот на профилот до Discord. Споделените податоци од платформата го откриле и идентитетот и адресата.

Претходно, серверот на кој биле првично објавени документите бил откриен од истражувачката група Bellingcat, а New York Times успешно ја споредиле масата од фотографиите на документите, со масата од семејната кујна на семејството Тешеира. За ова, Tешеира може да биде осуден на 15-годишна затворска казна, поради објавување на доверливи документи.

Спротивно на правилата на користење на Discord, но…

Всушност како што појаснуваат и од Discord, ништо што се случило со споделувањето на овие документи не е во согласност со правилата за користење на платформата. Правилата за користење забрануваат било каква злоупотреба на платформата за криминална активност. Тука е вклучено и споделувањето на доверливи документи.

Сепак самото препознавање на овие документи е предизвик за Discord.

„Доверливите документи од воено разузнавање претставуваат значаен, комплексен предизвик за Discord, но и за другите онлајн платформи – само овластен владин претставник може да утврди дали документот е класифициран, некласифициран, па дури и дали е автентичен. Во моментов, не постои структуриран процес за владата да ги пренесе своите определби на платформи како Discord.“

Ако сте на Discord и не барате сервери со воени тајни, приклучете се на нашиот сервер: https://it.mk/discord

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments