Зголемениот интерес за електрични возила можеби е добредојден во борбата со климатските промени, но металите кои се потребни за батериите во овие возила се ретки. Реткоста на материјалите кои се користат во батериите е само еден од проблемите, речиси подеднакво голем проблем е просторот кои овие батерии го зафаќаат на депониите. Дел од материјалите кои се користат во батериите се и отровни, па управување со овој отпад не е едноставно. Дури 60 до 70% од штетата од депониите е предизвикана од батериите, пишува Нула отпад.
Благодарение на популарноста на електричните возила се проценува дека до 2050 побарувачката за литиум ќе порасне за 20 пати. Со сегашната технологија за рециклирање може да се вратат речиси целиот кобалт и никел од батериите, и над 80 отсто од литиумот од потрошените батерии. Освен ретките метали, со рециклирањето се враќаат и алуминиум, бакар и графит, пишува Technology Review. Поради ова, но и напредокот во технологијата за рециклирање, наместо батериите да се чуваат на отпад е поисплатливо тие да се рециклираат.
Зголемената свест кај граѓаните за сè поголемото загадување и климатските промени е причина што голем дел од државите промовираат и спроведуваат акции за рециклирање на батериите. За жал, ова барем засега не е доволно, рециклирањето сѐ уште е недоволно и може да се подобри.
Рециклирање на батерии во Македонија
Според истражувањата на Македонскиот институт за медиуми од 2014 година:
- 96% од граѓаните се свесни дека батериите се опасен отпад;
- 50% од граѓаните во Република Македонија знаат каде треба да ги отстранат отпадните батерии;
- 16% од граѓаните ги оставаат отпадните батерии на собирните места;
- 29% ги оставаат во соодветните кутии поставени во супермаркетите;
- 55% од отпадните батерии завршуваат заедно со комуналниот отпад.
Државниот завод за статистика во извештај од 2019 објави дека во Македонија отпадот од батерии и акумулатори е во постојан пораст.
Што е рециклирање на батерии?
Многу од батериите, без разлика дали се користат во паметен телефон, лаптоп, автомобил или бормашина содржат скапи и ретки метали и други материјали.
Рециклирање на батерии е процес во кој се враќаат материјалите кои се користени во батериите со цел истите да се користат во нови батерии или производи. Целта на рециклирањето е да се намали количината на отпад од загадувањето од батериите и да се зачуваат материјалите како на пример ретки метали. Најголем дел од батериите можат да се рециклираат. Оловно-киселински, никел-кадмиумски, никел-метал-хидридни и литиум-јонски батерии се дел од листата батерии кои се рециклираат. Процесот започнува со одделување на составните елементи на батеријата во основни делови. На пример електроди, електролити, обвивка. Потоа со различни механички и хемиски процеси се враќаат материјалите.
Со рециклирање на батериите се заштедува и енергија. За рециклирање е потребно помалку енергија отколку што е потребно за копање на нови минерали од земјата.
Опасности од несоодветно чување на батерии како отпад
Еден од поголемите проблеми со фрлањето на батериите на отпад е опасноста од нивно несоодветно чување. Во состав на батериите има опасни хемикалии и тешки метали како олово, жива, кадмиум. Ако овие материјали дојдат во допир со почвата и водата, ќе ги контаминираат и можат да бидат опасност за растенијата, животните и луѓето. Дополнително, дел од батериите се лесно запаливи и можат да предизвикаат пожар.
Депониите и печките ако не се соодветно опремени за уништување на батерии можат да испуштат отровни материи. Ова е уште една причина поради која рециклирањето на батериите е исклучително важно.
Како се рециклираат различни батерии…
Што се однесува до рециклирањето, може да се рециклираат најголем дел од батериите, вклучувајќи ги и најчесто користените: оловно-киселински батерии, никел-кадмиумски батерии, никел-метал-хидридни батерии и литиум-јонски батерии. Еве како се одвива процесот за некои од нив.
Рециклирање на оловно-киселински батерии
Оловно-киселинските батерии се дел од најчесто користените батерии кои се полнат. Се користат како акумулатори во најголем дел од возилата. Измислени се во 1859 години, но се употребуваат и денес.
Процесот за рециклирање за сите батерии, но и материјали започнува со нивното собирање. Вообичаено овие батерии ги собира компанијата која ги рециклира.
Во вториот чекор батериите се дробат. Сепак пред овој чекор е неопходно да се отстрани киселинскиот електролит. По ова се користат дробилки и ја делат батеријата на фрагменти. Во следниот чекор се прави сортирање на материјалите. Оловото и останатите метали се разделуваат од пластиката и хартијата.
Следните чекори се редукција и пречистување на олово. Процесот во кој се дели металното олово од станатите метални супстанци е наречен редукција. Последен чекор е пречистување на оловото во кој од смесата на сурово олово се останува целиот бакар, антимон, арсен и калај.
Според последниот јавно достапен извештај на Државниот завод за статистика оловно-киселинските батерии се единствените кои се рециклираат во Македонија.
Рециклирање на литиум јонски, никел метал хидрид, никел-кадмиумски батерии
Литиум-јонските батерии може да се полнат. Се користат во автомобили и електроника. Батериите базирани на никел може да се полнат и се користат во автомобили и преносни уреди, како фото-апарати или камери. Процесот на рециклирање е сличен за сите.
Целиот процес започнува со собирање на батериите. Потоа се сортира пластиката од батериите и металните компоненти.
Металните компоненти се топат и се екстрахираат металите. Во овој процес се добиваат никел, манган, хром и железо, кои може да се користат за производство на нови производи.
Рециклирање на алкални цинк-воздушни / цинк-јаглеродни батерии
Како и кај претходните батерии и кај овие рециклирањето започнува со собирање на батериите. Батериите најпрво се расклопуваат. Од растурените батерии се собираат челични компоненти, пластични и хартиени компоненти и компонента со цинк и манган. Компонентата со цинк и манган е наречена црна маса (black mass), таа се испраќа во металуршки компании кои во различни процеси го одделуваат цинк оксидот.