Има куп апликации кои нудат различни модификации на нашите профилни фотографии. Без разлика дали овозможуваат „да ја видите иднината“ и креираат предвидување како ќе изгледате остарени, креираат некое „уметничко“ дело, или нешто сосем трето, овие апликации имаат пристап до нашите фотографии. Споделувањето на слики за обработка кај компании кои се фокусирани на ова, за жал најчесто не е добра идеја.
Матијас Маркс е германски активист кој се обидува да си ја врати контролата врз својот изглед. Во 2020-та година, неговите фотографии биле дел од голем сет на податоци кои ги собрала компанијата Clearview AI. Досега дознал дека од неговиот изглед заработуваат 3 компании кои никогаш не побарале дозвола за да ги користат неговиот изглед. Clearview AI е компанија производител на софтвер за препознавање на ликови. Главни клиенти на компанијата се полицијата и органите за прогон. Софтверот кој го нуди Clearview AI овозможува споредба на лицата на осомничените, со лицата кои ги имаат во својата база на податоци.
Clearview AI тврди дека има над 3 милијарди лица. Голем дел од сликите се собрани со скрапирање (scrapping) на друштвени мрежи како Facebоок или LinkedIn. Софтверот за корисниците е едноставен за користење. Корисникот испраќа фотографија од осомничениот на Clearview AI платформата. Оваа слика потоа се споредува со индексираните слики. Дел од параметрите кои се следат се растојанието помеѓу очите, носот, устата, формата на лицето и слично. Откако ќе заврши со обработката, софтверот ги испраќа потенцијалните резултати. Резултатите се рангирани по сличност, и во нив се споделени и изворите од кои се пронајдени соодветните слики.
Матијас од Clearview побара одговор дали поседуваат негова слика во базата. Прашањето го испрати по имејл, а по еден месец доби одговор и две слики. Сликите беа негови, стари неколку години. Фотографиите се од Google натпревар за инженери, но фотографот ги продал на сајтот Alamy. Пред речиси три години, во февруари 2020 побарал овие слики да бидат отстранети од базата. Собирањето на биометриски фотографии од европските граѓани е во спротивност на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Најпрво барањето го поднел до Clearview во Европа, но ова барање не беше затворено и две и пол години подоцна. Иако во одговор за Wired компанијата одговорила дека сликите не се повеќе во базата.
„Ќе се случи повторно, aко моето лице се појави некаде на интернет. Алгоритмите на Clearview нема да престанат да пребаруваат. Компанијата им кажува на инвеститорите дека е на пат да има 100 милијарди фотографии во својата база на податоци оваа година (2022), што во просек изнесува околу 14 фотографии за секој од 7 милијарди луѓе на планетата“, вели Маркс за Wired.
Во Европа иако праксата на компании како Clearview е илегална засега не постои вистински начин да се заштитат граѓаните. Компанијата досега платила (или треба да плати) три казни. Во Франција и е изречена казна од 20 милиони евра, а казни има и во Италија и Грција.
Главниот проблем во моментов е технологијата која се користи. Дури и да ги избришат сите фотографии на Маркс, кролерот (crawler) повторно ќе ги пронајде неговите слики на интернет и ќе ги индексира.
Спречувањето на компанијата да собира податоци од Европа не е лесно. Најпрво не постои начин алгоритамот да знае од која држава е лицето на сликата. Второ, Clearview AI вели дека не ја нуди својата услуга во Европа и поради ова не подлежи на законите во Европа.
Некои од компаниите конкуренти на Clearview веќе се обидуваат да пронајдат соодветно решение. Pimeyes е потранспарентен и овозможува бришење на сликите, но и своевидно поставување на забрана за некоја слика повторно да се врати во базата на податоци откако ќе биде отстранета. Компанијата нема сопствена база на слики. Наместо ова кога корисникот ќе додаде слика започнува да пребарува по интернет. Pimeyes не собира слики од друштвените мрежи.
За жал корисникот треба самиот да дојде и да провери дали има податоци на платформата. Во идеални услови ситуацијата би била обратна, и наместо корисниците да бришат слики, би требало да даваат дозвола за користење на сликите.