Како програмери од Драчево завршија во приказна на Нетфликс за милионска крипто измама

Во 2017 година, бумот со криптовалутите го тресеше светот, ветувајќи финансиска револуција и огромни нови можности за сите оние беа подготвени да вложат во овие дигитални пари. Но, зад блескавите ветувања како оние на компанијата Centra Tech, се крие една од најозлогласените измами во крипто индустријата.

Документарецот Bitconned на Нетфликс ја раскажува приказната за тројцата ко-основачи од Мајами – Реј Трапани, Сохраб „Сем“ Шарма и Роберт Фаркаш – кои собраа милиони долари од инвеститори за лажна крипто дебитна картичка, промовирана со измислени партнерства со Visa и Mastercard, и притоа добивајќи поддршка од ѕвезди како популарниот боксер Флојд Мејведер и музичарот Диџеј Калед. 

Покрај ваквите славни личности, дел од оваа приказна е и тим од македонски програмери, предводен од Филип Бурчевски и Мартин Пејков – кои во тоа време работеа на проектите на Centra од својата канцеларија во скопската населба Драчево.

Филип ја започнува соработката со Centra Tech преку платформата за фриленс работа Upwork во летото 2017 година, во екот на крипто хајпот. Контактот дошол преку неговиот бизнис партнер Мартин, а главната врска била со Сем Шарма, еден од ко-основачите на Centra и лицето задолжено за техничкиот дел на компанијата.

Сем Шарма, Реј Трапани и Роберт Фаркаш

„Ни понудија плаќање во биткоин, кој тогаш вредеше околу 2.000 долари, но одбивме. Сакавме да бидеме сигурни дека ќе добиеме стабилна плата,“ вели Филип во интервју за ИТ.мк. Денес, пак, биткоинот вреди повеќе од 117.000 долари.

На почетокот тие се фокусирале на развојот на различни проекти, вклучувајќи ја платформата за изнајмување луксузни автомобили Miami Exotic, спомената во документарецот. Подоцна, Филип, Мартин и уште неколку нови програмери работат на сега веќе легендарната крипто дебитната картичка на Centra.

Проектот за картичката изгледал ветувачки: корисниците ќе можат да плаќаат со криптовалути насекаде каде што се прифаќаат Visa и Mastercard. „Идејата беше едноставна. Корисникот има сметка со криптовалути, ние имаме резерва на фиат валути (реални валути), и кога плаќа, одземаме од неговите криптовалути и наплаќаме од резервите. Технички не беше комплицирано,“ објаснува Филип.

Но, на веб-сајтот на Centra се појавиле тврдења за партнерства со Visa и Mastercard – нешто што подоцна се покажало како непотврдено. „Кога Visa и Mastecard побараа да се отстранат тие тврдења од сајтот, настана паника. Тогаш сфативме дека нешто не е во ред“, додава тој.

Додека македонскиот тим работел на техничката имплементација, се појавиле и првите сомнежи за тоа што всушност се случува внатре во компанијата. „Имаше моменти кога забележувавме чудни работи. На пример, за дел од менаџментот подоцна дознавме дека воопшто не постои,“ вели Филип.

Во продолжението на Bitconned навистина се открива дека Centra користела измислени профили за извршни директори за да ја зголеми довербата кај инвеститорите. Но македонскиот тим не бил свесен за овие измами се додека не бил контактиран од Нетфликс за снимањето на документарецот.

„Верувавме во проектот. Сем Шарма изгледаше како некој што знае што прави. Беше технички писмен, и беше убеден во визијата на Centra,“ објаснува Филип. 

Додава дека мислел оти Шарма навистина имал намера да го реализира проектот, за разлика од Реј Трапани, кој подоцна се покажал како главниот мозок зад измамата. „Сем можеби учествуваше во лажното претставување, но мислам дека сакаше да создаде нешто вистинско. Реј, од друга страна, беше фокусиран само на парите и на тоа како да направи измама,“ се присетува Филип.

Реј Трапани

Како што проектите на Centra се проширувале, побарувачката за програмери растела. Филип и неговиот тим, заедно со тимот руски девелопери, се издвоиле како најдобрите во компанијата. 

„На почетокот бевме само јас и Мартин, некои 4-5 месеци работевме сами. Но, кога почнаа да додаваат нови продукти, ни требаа повеќе луѓе,“ објаснува тој. Пазарот за сениор програмери во Македонија бил ограничен, па тимот се свртел кон приватните ИТ академии во Скопје. „Ги баравме најподготвените. Им кажувавме што ни треба, ги обучувавме и ги интегриравме во проектот за една недела. Беше интензивно, но функционираше,“ вели Филип.

Тимот пораснал на десетина луѓе, но со растот тука биле и предизвиците. Фактурите се натрупувале, а последните две, во вредност од околу 100.000 долари, никогаш не биле платени.

Денот кога ко-основачите биле уапсени се совпаднал со големиот крипто крах во 2018 година, а ова значело и крајот на соработката со Centra. „Ни должеа две фактури, ние ги плативме Русите однапред бидејќи и тоа плаќање одеше преку нас, и требаше да наплатиме околу 100.000 долари. Сем ни рече ни дека ќе не исплати, но веќе наредниот ден го уапсија. Па така, останавме со минимален профит. Тоа беше фрустрирачки, особено затоа што верувавме во проектот и имавме направено планови за понатаму,“ споделува тој.

Апликацијата на Centra поддржувала осум криптовалути, а за демо презентациите, трансакциите се обработувале рачно. „Кога корисникот ќе ја искористеше картичката, некој ја читаше трансакцијата и ја пријавуваше во системот за да се израмни балансот. Тоа беше привремено решение“, се присетува Филип, додавајќи дека планот бил процесот да стане целосно автоматизиран, но проектот пропаднал пред да се реализира.

Во 2022 година, екипа од Нетфликс пристигнува во Скопје за да го сними документарецот. „Беше жешко, се препотувавме додека снимавме. Веројатно мислеа дека сме нервозни или дека лажеме,“ се шегува Филип, објаснувајќи дека се согласиле да бидат интервјуирани бидејќи пред се сакале да го заштитат Сем Шарма, кој ја доби најстрогата казна од осум години затвор. 

Реј Трапани избегна казна бидејќи соработувал со американските власти за време на истрагата, а третиот ко-основач и финански директор Роберт Фаркаш доби една година.

„Реј беше поинаков – еднаш имав контакт со него на Скајп, беше дрзок кон руски девелопер. Му реков да престане, дека човекот работи напорно. Тоа беше единствениот пат кога зборував со него“, споделува Филип.

Навраќајки се на некои вакви моменти, тој вели дека искуството со Centra за него е една „незаборавна школа“.

„Влеговме агресивно во крипто светот, истражувавме 24/7, бевме возбудени за филозофијата на криптовалутите. Но, на крајот сфативме дека се сведува на шпекулации,“ вели тој. Според него, 90 проценти од крипто проектите немаат реална вредност, потпирајќи се на маркетинг и празни ветувања. „На почетокот навистина бевме ентузијасти, но после Centra го изгубив интересот за крипто. Сфативме дека повеќето проекти се само приказни за брзи пари,“ вели тој. 

За младите програмери кои работеле на проектот заедно со него и Мартин, скандалот бил тежок удар. „Многу беа среќни што се дел од тимот, но на крајот беа разочарани. Некои работеа само еден месец, но веќе веруваа во визијата на Centra“, вели тој. 

И покрај неисплатените фактури и пропаѓањето на проектот, тимот не се плашел од правни последици кои настанаа на крајот. „Кога слушнавме за апсењата, бевме изненадени, но не се плашевме. Нашата работа беше чиста, се беше фактурирано. Кога им баравме пари на почетокот, тоа беше врз база на реалниот труд што го правевме – но и да им побаравме десет пати повеќе, мислам дека ќе ни ги дадеа, бидејќи во тој момент тие навистина имаа премногу пари.“ завршува Филип.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk