Интернет и општо дигиталната економија сè посериозно влијае на секоја индустрија. Дел од модерните промени се и преведувачите кои треба да се прилагодат на новите трендови. Квалитетниот превод останува макотрпна работа, дури и покрај Google Translate, па организирањето на работилници и предавања не е никакво изненадување.
Здружението на преведувачи на Македонија, во октомври организира конференција; дел од темите кои ќе се разгледуваат се интересни и за блогерите, но и за медиумите.
Натали Ван Прат од Белгија ќе има презентација која ќе се однесува на преводот и авторските права на Интернет. Дополнително ќе одржи работилница каде ќе се фокусира на оптимизацијата за пребарувач, користење на клучни зборови и на значењето на клучните зборови.
Билетите за презентациите не се продаваат посебно, па можеби ова ќе одврати дел од заинтересираните, но одделно може да се посетат работилниците, а тука темите се и поинтересни.
Ова e четврта конференција на МАТА. Настанот ќе се одржи на 1. и 2. октомври во Охрид. Регистрацијата е отворена и заинтересираните може да се пријават на веб-страницата на здружението.