Технологијата го промени светот, а со тоа и начинот на кој што комуницираме. Gen Z, како генерација родена во време на зачетоците на интернетот и израсната со социјални мрежи и останатата технологија живее и комуницира на доста поразличен начин од повозрасните генерации.
Gen Z, можеби технички најподготвената генерација со оглед на тоа што секој еден од оваа генерација има растено со електронски уред во рака. Но, од друга страна можеби и генерација со најслаби комуникациски вештини кога се работи за реалниот свет.
Генерација која што практикува кратка видео содржина, наместо пишана и има можеби најкратко време за фокус на одредена содржина. Повеќе студии имаат покажано дека максималното време за интерес на одредена содржина се движи од 8 до 12 секунди.
Социјалните мрежи започнаа да го обликуваат светот со Facebook, но доколку ги прашате Gen Z дали го користат Facebook, веројатно ќе добиете одговор дека тоа е социјална мрежа за “стари”.
Instagram, TikTok и Youtube се платформите на кои што оваа генерација ја конзумира содржината во принцип. Покрај овие социјални мрежи, кога се работи за комуникацијата, Discord е доста популарен.
mIRC со многу подобар интерфејс и поагресивни аватари, вака можеме да го опишеме Discord. Платформа која се користеше првично за гејминг, а сега веќе проширена и во други делови.
Gen Z доминира на оваа платформа која што нуди можност за големи групи, четување во повеќе канали, секции прашања-одговори, различни нивоа на авторизација, аудио и видео повици, автоматизирани ботови и што уште не.
Начинот на комуникација на Gen Z
Генерација која во прв план практикува четување со кратки пораки и брз одговор од другата страна, наместо класичен телефонски повик, подолг мејл и слично.
Кога сме кај четувањето, најчесто тоа се кратки пораки, во кои што можат да се сретнат доста сленгови и многу англиски. Едни од попознатите сленгови кои што можат да се сретнат во речиси секој чет се:
- cringe – сленг кој се користи за да се опише некој/нешто ужасно или срамно.
- gg – good game, сленг кој се користи при добро завршена работа, а во светот на гејмерите за добра партија LOL или слично.
- ez – easy
- GOAT – Greatest of all time
- idk – I don’t know
- iykyk – If you know, you know
- mid – something that is average
Дополнително, ова е генерацијата која што го изменува англискиот и во нашиот случај го меша со македонскиот, па следниве фрази можат да се слушнат секојдневно:
- Атачни го документот.
- Инклудни го и ова во проектот.
- Дилејтни го ова
- Копирај го тој фајл и пастни го во другата папка
- Мерџни го ова
Живот на далечина
Можностите за комуникација денес се неспоредливи со можностите во минатото. Но, дали сегашните генерации комуницираат подобро и се поблиски меѓу себе? Веројатно не, бидејќи технологијата и интернетот колку и да имаат бенефити, исто така имаат и доста негативни ефекти.
Па, така поради далечината и виртуелните врски сега имаме е-болести, зголемена анксиозност и депресија.
Како ќе се комуницира во иднина?
Досегашната комуникација главно се одвиваше преку паметните телефони кои ги има секој еден од нас. Но, пред само неколку дена Apple го пушти во употреба својот нов уред кој што наликува на наочари за скијање – Apple Vision Pro.
Веќе можеме да видиме видеа од користењето на овој нов уред и мора да признаеме дека изгледааат доста невообичаено, а прашањето кое се поставува тука е:
Дали овој уред ќе ги замени паметните телефони и начинот на комуникација или ќе биде само играчка повеќе? Останува времето да покаже, а вие продолжете да ja читате нашата содржина :)