Во современата ера, дигиталните содржини се столб на забавната индустрија и основен извор на информации. Сепак, некои прашања остануваат незабележани: „Што ако платформата на која сте инвестирале во дигитална содржина престане да работи или ги отстрани вашите омилени содржини?“.
Предности и ризици на дигиталната сопственост
Платформи како Steam, Google Play Movies и PlayStation Network нудат удобност и достапност, трансформирајќи го начинот на кој уживаме во книги, видеоигри, филмови и музика. Сепак, дигиталната сопственост на содржини не е без ризици. Од истекување на лиценци до промени во корпоративните стратегии, постојат неколку сценарија во кои можеме да останеме без пристап до купената содржина. За разлика од физичките копии, дигиталните не секогаш нудат трајна сигурност.
Дополнително, често на овие платформи јазикот не е доволно јасен. Иако ве наведуваат да помислите дека поседувате некоја содржина, всушност добивате право за преземање и користење.
Случајот со Funimation: Предупредување за корисниците
За жал дури и кога платформата вели дека поседувате содржина засекогаш, ова не мора да биде точно. Претплатниците на Funimation, позната платформа за стриминг на аниме, доживеаја непријатно изненадување кога Sony, сопственикот на Funimation, најави дека сервисот ќе се спои со Crunchyroll. Профилите и претплатите ќе се префрлат на Crunchyroll. Ова ја зголеми цената на претплатата и предизвика загриженост и за достапноста на дигиталните копии.
Funimation покрај стрим сервисот продаваа и физички копии на некои од содржините. Со овие копии испорачуваа клуч кој купувачите можеа да го внесат за да можат да ја стримаат оваа содржина на платформата.

Во 2021 година Sony го купи стрим сервисот Crunchyroll. Содржината на двете платформи е слична и многу делови се преклопуваат. Кога Sony објави дека ја купува платформата започнаа и шпекулациите дека двете платформи ќе бидат споени.
Спојувањето на Funimation и Crunchyroll официјално ќе заврши на 2 април, со затварањето на Funimation. Профилите на корисниците на Funimation ќе бидат префрлени на Crunchyroll. За сопствениците на физички копии, поголем проблем е што нивната дигитална библиотека ќе престане да постои. Crunchyroll не поддржува стрим за физичките копии, па ако носачот на содржина (CD или Bluray) е оштетен корисникот нема да има пристап до содржината која требал да ја поседува „засекогаш“.
Што значи пристап до содржина за стримањето
Примерот на Funimation e актуелен, но секако не е единствен. Ако сте претплатници на Netflix, HBO, или некоја друга платформа веројатно ви се случило. Започнувате да гледате некоја серија и неколку дена или недели подоцна без разлика колку ја барате не може да ја пронајдете. Netflix има договори за стрим на содржини кои траат одреден период и по ова истекуваат и содржината не е повеќе достапна.
Најголемата платформа за видеоигри Steam всушност не продава видеоигри туку право за преземање, инсталација и играње на играта. Лиценцирањето треба да биде засекогаш, иако едно од барањата е да имате профил со „good standing“. Ако Steam поради која било причина го отстрани профилот, ќе го изгубите пристапот до сите игри кои сте ги купиле. Понекогаш дури и издавачите можат да отстранат некоја игра. Најчесто во овој случај корисникот ако ја купил играта ќе може да продолжи да ја игра, но во ретки случаи може да биде отстранета.
Сличен случај како овој со Funimation имаа и корисниците на PlayStation кои купиле Discovery содржини од PlayStation продавницата. На 21 декември PlayStation објави прилично долга листа на содржини кои ќе бидат отстранети и нема да бидат достапни. Оригиналната порака беше дека сопствениците нема да имаат пристап до овие содржини во нивната библиотека. За среќа, 10 дена подоцна компанијата објави дека сепак нема да има бришење на содржината.
Дигиталната револуција нуди невидена удобност, но оваа приказна служи како потсетник за потенцијалните ризици на поседувањето дигитални содржини. Можеби е време да се преиспита нашата зависност од овие платформи и да се размисли за враќање кон физичките копии за најважните содржини.








На https://bandcamp.com/ со купување се добива download во повеќе видови на аудио меѓу кои MP3, FLAC, WAV.
За некои има опција да се купи плоча, касета или CD.